На Хардвард пронајдено ретко издание на Магна Карта од 1300 година

„Магна карта“ има важна улога во правната историја на САД, од Декларацијата за независност до усвојувањето на Повелбата за права, а 17 американски сојузни држави содржат некои нејзини елементи во своите закони

Стручњаци од два британски универзитети открија дека копија од Магна карта, која се наоѓа во библиотеката на Правниот факултет на американскиот универзитет Харвард, наместо евтина репродукција, всушност е ретко издание од 1300 година.

Верзијата од 1300 година, чија копија ја поседува Харвард, била објавена од англискиот крал Едвард I.

Професорот по средновековна историја на Кралскиот колеџ во Лондон, Дејвид Карпентер, кој во декември 2023 година ја пронашол дигиталната верзија на документот на веб-страницата на библиотеката на Правниот факултет на Харвард, изјави дека бил изненаден што успеал да најде непозната копија од Магна картата.

„Прво, најдов еден од најретките и најзначајни документи во светската уставна историја“, изјави Карпентер. „А, второ, секако, бев шокиран што Харвард го имал тоа со години, без да сфати што е тоа“.

Карпентер во утврдувањето на староста на документот соработувал со Николас Винсент, професор по средновековна историја на Универзитетот Источна Англија во Норич.

Успоредувајќи ја со уште шест копии од 1300 година, Карпентер утврдил дека им се совпаѓаат димензиите, а потоа, заедно со Винсент, ги споредувале сликите што ги направиле библиотекарите од Харвард користејќи ултравиолетова светлина и спектрално снимање.

Оваа технологија им овозможила да ги споредат текстовите збор по збор и да забележат детали кои не се видливи со голо око, а се фокусирале и на ракописот, каде што се гледа потписот на кралот Едвард I.

Од оригиналот од 1215 година до 1300 година биле напишани уште пет изданија, а 1300 година е последната година кога целиот документ бил објавен и овластен со кралскиот печат.

Карпентер изјавил дека ниту една верзија не е целосно иста и дека се разликуваат во многу детали.

Копијата на Харвард, според проценката на Карпентер, вреди повеќе милиони долари, но универзитетот не планира да ја продаде. Инаку, една верзија на документот била продадена на аукција во 2007 година за 21,3 милиони долари.

Винсент истражувал како документот завршил во библиотеката на Харвард и утврдил дека факултетот го купил во 1946 година од еден лондонски трговец со книги и платил околу 27 долари, под погрешна претпоставка дека станува збор за издание од 1327 година.

Тој исто така утврдил дека документот во 1945 година бил испратен до една британска аукциска куќа од воен пилот кој учествувал во одбраната на Малта за време на Втората светска војна.

Винсент и Карпентер ќе го посетат Харвард во јуни за да го видат документот во живо, а тврдат дека тој денес е подеднакво релевантен како и во времето кога бил создаден, имајќи предвид дека Харвард моментално се наоѓа во судир со администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, околу тоа колкави овластувања треба да има федералната влада во управувањето, приемот на студенти и активизмот на универзитетскиот кампус.

„Магна карта“ има важна улога во правната историја на САД, од Декларацијата за независност до усвојувањето на Повелбата за права, а 17 американски сојузни држави содржат некои нејзини елементи во своите закони

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни