На Германија ѝ недостасуваат повеќе од 120.000 возачи на камиони

Германските шпедитери предупредуваат на сериозен недостиг од возачи на камиони – над 120.000, со ризик кризата дополнително да се продлабочи поради пензионирање и недоволен прилив на нови работници

Германските шпедитери ги повикаа политичарите итно да преземат мерки за да се намали сериозниот недостиг од возачи на камиони, пренесуваат германските медиуми.

„Во моментов ни недостасуваат повеќе од 120.000 возачи на товарни возила, а ситуацијата може дополнително да се влоши“, изјави за агенцијата Ројтерс Дирк Енгелхардт, портпарол на Сојузот на германските шпедитери (BGL).

Тој посочи дека секоја година во пензија заминуваат меѓу 30.000 и 35.000 возачи, додека на пазарот на труд влегуваат само 15.000 до 20.000 нови возачи.

„Јазот меѓу понудата и побарувачката за возачи постојано ќе се зголемува“, предупреди Енгелхардт.

Поради недостигот од возачи, многу шпедитерски компании се принудени да одбиваат понуди за превоз на стока.

Иако со години постојат иницијативи дел од товарниот транспорт да се пренасочи кон железницата, во Германија и натаму околу 80 отсто од стоката се превезува по патен сообраќај.

Енгелхардт изрази и загриженост во случај на проширување на руската агресија и на други европски земји. Во такво сценарио, според него, сите товарни возила би биле принудени да се вратат во земјите на регистрација, при што веќе сега речиси секој втор камион на германските патишта е со странски регистарски таблички.

Тој апелираше до политичарите да го олеснат и издавањето работни визи за возачи од земји кои не се членки на Европската унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни