На распишаниот конкурс на Фестивалот на песни за деца „Весело штурче“ Штип примени се вкупно 24 солисти. Ќе биде изведена 21 композиција, од кои три ќе бидат дует.
Во писменото соопштение од Фестивалот „Весело штурче“ се вели дека хорот оваа година го сочинуваат 15 дечиња, а бендот е составен од четири дечиња.
– На самиот конкурс беа пријавени околу 70 дечиња, а оваа година пријавени автори беа над 100 од Македонија, но и од други држави. Бројот на пријавени дечиња и автори се зголемува секоја година што покажува дека добриот глас далеку се слуша. Жири-комисијата имаше тежок избор околу изведувачите и композициите. Тоа покажува дека Весело штурче расте, а со него и традицијата, но и модерниот дух кој го покажува од година во година, се вели во писменото соопштение на Фестивалот „Весело штурче“.
Подготовките за фестивалот и снимањето на песните се во тек. Традиционално како и секоја година и годинава ова издание ќе се одржи во втората половина на септември.