На денешен ден во 1903 во Софија била испечатена ,,За македонцките работи”

Во неа македонскиот публицист и лингвист Крсте Петков Мисирков jа истакнува и ја заштитува националната индивидуалност на македонскиот народ и неговото право на самостоен културен и национален развој

Книгата „За македонцките работи“ била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Книгата има околу 120 страници и поделена е на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија.

Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ со особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик.

На едно место во книгата пишува: „Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура“.

Во оваа книга тој го прогласува централното македонско наречје за литературен македонски јазик и ја определува својата национална програма, во која главно место има прашањето за македонскиот литературен јазик. Со оваа книга, тој теориски ги изложи погледите за оформување на македонскиот литературен јазик. Неговиот јазик, всушност, е нормиран јазик и претставува солидна основа за дефинитивното нормирање и кодифицирање на македонскиот јазик.

Последната статија во оваа книга носи наслов „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“ и претставува прв научно аргументиран, теориски солидно поставен и практично разработен проект за кодификација на македонскиот јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни