Денес, 20 декември, се сеќаваме на роденденот на македонскиот поет Ацо Шопов, кој е непроценлив дел од македонската книжевност и културна историја. Утре, 21 декември, во Собранието на Република Северна Македонија, Иван Антоновски ќе ја прими престижната државна награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за неговото авторско остварување во областа на публицистиката, за книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“.
Ова издание на „Дијалог“ е признато како значаен влог во македонската книжевна и културна историја, а за само неколку месеци доживеа две изданија, нешто што досега не се случило во овој жанр. Книгата е пофалена за нејзиниот патриотски карактер и за извонредната симбиоза на фактите и емоциите, создавајќи мост помеѓу минатото и сегашноста, како што истакнаа академици и културни експерти.
Антоновски, автор на ова капитално дело, на промоцијата во Скопје нагласи дека книгата открива досега неразрешени прашања и факти кои биле “закопани во длабока тишина”, однесувајќи се на историски настани и општествени предизвици кои имаат актуелност и денес.
„Од онаа страна на Небиднината“ не само што ја прикажува личноста на Ацо Шопов, туку и го осветлува неговото знчење како општествен и културен деец, градител на нашата држава и дипломат. Ова издание е важен и неизмерно ценет придонес на истражувањето на нашата книжевна и културна историја.
Наградата „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за 2024 година, која ќе му биде врачена на Антоновски, е признание за неговиот капитален влог во македонската публицистика и ја потврдува неговата вредност како автор на значајни студии и монографски публикации.