Иако војната избувна веднаш по одигрување на три квалификациски натпревари за Светското првенство во фудбал во 1970 година, нејзините корени лежат многу подлабоко – во политички, економски и социјални тензии што со години се акумулирале меѓу двете земји.
Позадина: тензии и неправди
Во тоа време, и Хондурас и Ел Салвадор беа под контрола на воени диктатури. Главната економска точка на несогласување беше земјиштето, кое главно било во рацете на големи земјопоседници и странски компании. Малите земјоделци од двете страни трпеле, но ситуацијата била особено тешка за Салвадорците.
Иако Ел Салвадор зафаќа многу помала територија од Хондурас, во тоа време имал поголем број население. Недостигот од обработливо земјиште ги натерал околу 300.000 Салвадорци да мигрираат во соседниот Хондурас, каде што веќе постоела кревка аграрна економија. Тамошните земјоделци, наместо решенија, во дојденците ги гледале причините за сопствените неволји.
Дополнителни искри поттикнувале и гранични спорови, како и економските нерамнотежи во рамки на заедничкиот пазар на Централна Америка, каде Ел Салвадор имал одредена предност.
Фудбал како катализатор
Во таква атмосфера на растечки тензии, во јуни и јули 1969 се одиграле три клучни фудбалски натпревари:
- Првиот натпревар се одиграл во Хондурас, кој победил со 1:0. Салвадорските фудбалери биле вознемирувани во хотелот, што се смета за една од причините за поразот.
- Во реваншот, Ел Салвадор победил убедливо со 3:0, но и таму немирите околу хотелот резултирале со жртви.
- Следела т.н. „мајсторица“ на неутрален терен во Мексико, каде Ел Салвадор победил со 3:2 по продолженија – победоносниот гол бил постигнат во 101. минута.
И покрај тоа што Ел Салвадор подоцна се квалификувал на Светското првенство, таму загубил сите три натпревари во групната фаза.
Од фудбал до вистински конфликт
По принудните депортации на Салвадорски мигранти од Хондурас и зголемената омраза, Ел Салвадор на 14 јули 1969 година започнал воен напад врз соседот. Војната, која траела точно 100 часа, била запрена дури на 18 јули со посредство на Организацијата на американските држави.
Во оваа краткотрајна, но крвава војна, животот го загубиле неколку илјади луѓе, главно на територијата на Хондурас. Примирјето формално било потпишано дури во 1980 година, а трговијата меѓу двете држави била прекината, додека границата останала затворена подолг период.
Последици што се чувствуваа со децении
Проблемот со земјиштето, кој бил во срцето на конфликтот, никогаш не бил целосно решен. Подоцна, тој ќе биде еден од факторите што ќе доведат до граѓанска војна во Ел Салвадор. Хондурас, и покрај обидите за аграрна реформа, не постигнал значаен напредок.
Фудбалската војна останува како потсетник дека понекогаш спортот, наместо да зближува, може да послужи како искра што ќе го разбуди долго потиснуваниот бес.
Извор: N1info.rs