168 години од раѓањето на големиот визионер и научник

На денешен ден е роден Никола Тесла, човекот кој ја создаде иднината

Никола Тесла еден од најгенијалите умови во светот, човекот кој зад себе остави преку 300 епохални изуми од полето на електротехниката и радиотехниката. Тесла го воведе човештвото во електричната ера, го создаде индукцискиот мотор, далечинското управување, бежичната комуникација, електричните автомобили и многу други чудесни откритија. Никола Тесла беше изумител, сонувач и идеалист…

Никола Тесла бил еден од најголемите изумители, визионер кој е најпознат по неговите придонеси во дизајнирањето на современите системи за напојување со наизменична струја и по Теслиниот калем. За време на својот живот има преку 300 патенти во целиот свет за своите пронајдоци. Бил почесен доктор на петнаесет универзитети во Европа и во Америка.

Никола Тесла е роден како етнички Србин во селото Смиљан, во рамките на Воената граница, во Австриската империја. Неговиот татко, Милутин Тесла бил свештеник на Источната православна црква. Тесла подоцна добива американско државјанство и станува граѓанин на САД.

Никола Тесла остана запаментен по своите револуционерни откритија во областа на електромагнетизмот кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Патентите на Тесла и неговата теориска работа стануваат основа за формирањето на целокупниот систем на наизменичната струја, вклучувајќи го и конструирањето на полифазните системи (поточно трофазните), како и на индукциониот мотор, со кој се претвора во предводник на Втората индустриска револуција.

По неговата демонстрација на безжичната комуникација (радиото) во 1893 година и откако е прогласен за неспорен победник во „Војната на струите“, тој станува најпочитуваниот и најголемиот американски и светски научник.

Голем дел од неговата најрана работа ќе стане основа за модерното инженерство, а многу од неговите откритија се од непроценлива важност за развитокот на модерната цивилизација. Во текот на овој период, во САД, славата на Тесла била споредлива само со онаа на најголемите научници во историјата или ѕвездите на популарната култура.

Покрај неговата работа во областа на електромагнетизмот и инженерството, генераторите, Тесла остава свој печат и во областа на роботиката, конструирањето на далечинскиот управувач и радарот, како и во развивањето на компјутерската наука, балистиката, јадрената и теориската физика. Во 1943 година, Врховниот Суд на САД го прогласи Тесла за единствен пронаоѓач на радиото. Многу од неговите откритија се искористени, дел со примеси на контроверзија, за да поддржат теории во областа на псевдонауките, НЛО потрагите, како и на полето на окултизмот. Современите проучувачи на ликот и делото на Тесла го нарекуваат “човекот што го измисли дваесеттиот век” и “светецот-заштитник на модерниот електрицитет“.

Трошејќи поголем дел од своите пари, Тесла живеел во разни хотели во Њујорк. На 7 јануари 1943 година, на 86-годишна возраст, починал сам во собата 3327 од хотелот Њујоркер.

На 10 јануари 1943 година, градоначалникот на Њујорк, Фиорело Ла Гвардија, прочитал проштален говор, напишана од словенечко-американскиот автор Луис Адамиќ, во живо, преку радио, додека во заднина се слушале виолински сегменти од Аве Марија и Тамо далеко. На 12 јануари, две илјади лица присуствувале на државниот погреб за Тесла во Соборниот храм Свети Јован Богослов во Менхетен. По погребот, телото на Тесла било однесено на гробиштата Фернклиф во Ардсли, Њујорк, каде што подоцна било кремирано.

Во 1952 година, под притисок на внукот од сестра на Тесла, Сава Косановиќ (кој бил југословенски дипломат во Вашингтон по Втората светска војна), целиот имот на Тесла бил испратен во Белград. Во 1957 година, била транспортирана и урната со пепелта на Тесла, од САД во Белград. Пепелта е сместена во позлатена сфера, на мермерен постамент во Mузејот Никола Тесла во Белград.

Делото на Тесла паднало во релативен заборав по неговата смрт, сè до 1960 година, кога Генералната конференција за тежини и мерки ја именувала SI единицата за густина на магнетниот флукс Тесла, во негова чест.

Иако бил номиниран за Нобелова награда, никогаш не го добил ова големо признание.

Тесла се почитува и слави и во Хрватска и во Србија, а исто така и во неговиот трет дом – САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни