Оваа одлука беше донесена врз основа на првата научна проценка на Светската здравствена организација поврзана со канабисот, изработена во рамките на Експертскиот комитет за зависности.
Канабисот беше ставен во Schedule IV уште при усвојувањето на конвенцијата, без претходна научна евалуација и под влијание на ограничени и спорни извори. Токму оваа категорија е резервирана за супстанци кои се сметаат за особено штетни и без јасна терапевтска вредност. Вклучувањето на канабисот таму долги години беше предмет на критики, особено бидејќи истражувањата во последните децении покажаа дека растението има медицински потенцијал.
Процесот за ревидирање започна во 2016 година, кога СЗО официјално најави научна проценка на канабисот, канабисовата смола и други поврзани супстанци. По три рунди анализи во 2017, 2018 и 2019 година, експертите заклучија дека канабисот не ги исполнува критериумите за најстрога контрола и дека постои докажан терапевтски потенцијал, особено во третман на болка, епилепсија и спастичност кај мултиплекс склероза.
На 2 декември 2020 година, Комисијата за наркотични дроги на ОН гласаше со тесно мнозинство од 27 земји „за“ и 25 „против“ канабисот и канабисовата смола да бидат избришани од Schedule IV. Одлуката стапи во сила во 2021 година. Сепак, супстанците остануваат во Schedule I, што значи дека сè уште се под меѓународна контрола, но повеќе не се класифицирани како „особено опасни и без медицинска корист“.
Промената беше поздравена од научната заедница, која долго време укажуваше дека почетната класификација била резултат на политички, а не научни одлуки. СЗО смета дека ова олеснува важни процедури за истражување и развој на медицински препарати на база на канабис, додека голем број држави веќе ја користат одлуката како основа за ревидирање на националното законодавство.
Иако одлуката не значи легализација, таа отвори простор за послободен научен пристап и потенцијално подобра достапност на медицински канабис на глобално ниво.
