Со официјалното усвојување на 13-тиот амандман во Уставот на САД, на 18 декември во 1865-та година било укинато ропството во сите американски држави и веднаш биле ослободени повеќе од 100.000 поробени луѓе.
Ропството било укинато по 246 години од првиот брод на кој пристигнале заробени Африканци во Џејмстаун, Вирџинија, кои веднаш биле продадени како робови. Првата англиска колонија во Северна Америка, Вирџинија, ги добила првите Африканци во 1619 година, по пристигнувањето на брод на кој биле пренесени 20 робови. Повеќето од робовите биле во сопственост на белци, иако, свои робови, имале и некои Индијанци и слободни црнци.
Се проценува дека од 16 до 19 век, 12 милиони Африканци биле пратени како робови во Америка. Од нив, околу 645 илјади биле донесени во САД. Со пописот на населението во САД во 1860 година, бројот на ропското население пораснал на 4 милиони.
Иако ропството формално било укинато во 1865 година, дури 144 години подоцна, во средината на јули 2009-та, Сенатот во Вашингтон по долго размислување донесе одлука за извинување за злосторствата на ропството. „Ропството значи фундаментална неправда, свирепост, бруталност и нечовечност“, стои во едногласно донесената резолуција.