На денешен ден 1942: Погубувањето на Стево Филиповиќ и фотографијата што стана симбол на отпорот против фашизмот

Со јамка околу вратот, Филиповиќ ги подига рацете во воздух со стиснати тупаници, повикувајќи го народот на отпор, слобода и непокор.

На денешен ден, 22 мај 1942 година, во Ваљево погубен е Стјепан Стево Филиповиќ, југословенски народен херој чие име и лик станаа симбол на отпорот против фашизмот низ целиот свет.

Роден во Опузен, Хрватска, Филиповиќ уште во предвоеното време се приклучува на тогаш забранетата Комунистичка партија. По нацистичката окупација, тој станува еден од главните организатори на востанието во ваљевскиот крај.

Кон крајот на 1941 година, Филиповиќ бил заробен од Четниците, по што бил предаден на Гестапо. По месеци тешки мачења, нацистите го погубуваат јавно, пред собраниот народ, како предупредување за сите кои размислуваат за отпор.

Но, наместо страв, последните моменти на овој млад човек станаа симбол на храброст и непокор. Со јамка околу вратот, Филиповиќ ги подига рацете во воздух со стиснати тупаници, повикувајќи го народот на отпор, слобода и непокор.

Во тој судбоносен миг, фотограф ја овековечува сцената која подоцна станува една од најпрепознатливите фотографии на отпорот против фашизмот во Втората светска војна.

Иако поранешна Југославија го славеше како херој, споменикот на Филиповиќ во неговиот роден Опузен, Хрватска, беше миниран во 1991 година.

Неговото дело и симболиката на неговата последна поза сепак остануваат бесмртни – сведоштво за тоа дека дури и пред лицето на смртта, достоинството и отпорот можат да победат.

„Смрт на фашизмот – Слобода на народот!“ – извикот што одекнува и денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни