На денешен ден Јапонија капитулира со што се означува крајот на Втората светска војна

На денешен ден, 2 септември 1945 година, светот конечно здивна.

 На палубата на американскиот боен брод USS Missouri, закотвен во Токискиот залив, Јапонија формално ја потпиша капитулацијата пред сојузничките сили, означувајќи го крајот на најсмртоносниот воен конфликт во историјата – Втората светска војна.

До летото 1945 година, поразот на Јапонија беше неизбежен. Нејзините поморски и воздухопловни сили беа целосно уништени, економијата парализирана, а градовите разурнати од постојаното американско бомбардирање. Откако САД ја освоија Окинава, остров кој се наоѓа блиску до главните јапонски острови, се подготвуваше инвазија наречена „Операција Олимпик“, која се очекуваше да биде најкрвавата амфибиска операција во историјата. Но, на 16 јули, САД успешно ја тестираа првата атомска бомба во пустината на Ново Мексико, отворајќи нова и страшна опција.

По неуспешниот одговор на јапонскиот премиер Кантаро Сузуки на Потсдамската декларација – која бараше безусловна капитулација – претседателот Хари Труман нареди атомското бомбардирање на Хирошима на 6 август. Околу 80.000 луѓе загинаа веднаш, а илјадници други подоцна починаа од последици. На 8 август, Советскиот Сојуз ѝ објави војна на Јапонија, а следниот ден ја нападна Манџурија. Истовремено, втора атомска бомба беше фрлена врз Нагасаки.

Притисокот беше огромен. Императорот Хирохито, соочен со целосно уништување, го свика воениот совет доцна ноќта на 9 август. По емотивна и напната дискусија, тој го поддржа предлогот за капитулација, со единствен услов – да не биде загрозен неговиот суверенитет. По кратка дипломатска преписка, САД одговорија дека императорот и владата ќе бидат подредени на Врховниот командант на сојузничките сили. Хирохито одлучи да ја прифати судбината.

На 15 август, и покрај обид за воен удар од страна на офицерот Кенџи Хатанка, кој се обиде да го спречи објавувањето на капитулацијата, императорот се обрати преку радио до нацијата – првпат во историјата. Со тивок, но решителен глас, тој објави дека Јапонија ја прифаќа капитулацијата „за да обезбеди голем мир за идните генерации, трпејќи го она што е неподносливо“.

Претседателот Труман го назначи генерал Даглас Макартур за Врховен командант на сојузничките сили во окупацијата на Јапонија. Формалната церемонија беше закажана за 2 септември, за да се обезбеди присуство на сите сојузнички претставници.

Тоа неделно утро, под облачно небо кое подоцна се разведри, над 250 сојузнички бродови беа закотвени во Токискиот залив. На палубата на USS Missouri, точно во 9:00 часот по локално време, јапонскиот министер за надворешни работи Мамору Шигемицу потпиша во име на јапонската влада, а генерал Јошијиро Умезу за армијата – додека неговите соработници плачеа. Следуваше потписот на генерал Макартур, кој изјави: „Мојата искрена надеж, и навистина надежта на целиот човечки род, е дека од оваа свечена прилика ќе се роди подобар свет.“

Потоа следеа потписи од претставници на САД, Кина, Велика Британија, СССР, Австралија, Канада, Франција, Холандија и Нов Зеланд. Американската делегација ја заврши церемонијата со потписот на адмиралот Честер Нимиц. По само 20 минути, церемонијата заврши, а сонцето се појави преку облаците – симболично осветлувајќи го крајот на најразорната војна во историјата на човештвото.

Со Втората светска војна зад себе, човештвото почна да гради нов свет – опоменето од минатото и со надеж за подобра иднина. Се проценува дека во војната загинаа меѓу 45 и 60 милиони луѓе, додека милиони други беа ранети или раселени. Но на овој ден – 2 септември – светот доби втора шанса.

Извор: History

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни