На денешен ден е роден Гоце Делчев: Визионерот на македонската револуционерна борба

На денот на раѓањето на Гоце Делчев се потсетуваме на визионерот кој предупредуваше дека странското мешање е штетно за македонската ослободителна борба.

Денеска, на 4 февруари, се одбележува годишнината од раѓањето на Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903), еден од најзначајните идеолози и организатори на македонското револуционерно движење и симбол на борбата за слободна, праведна и демократска македонска држава.

Делчев останува запаметен како визионер кој ја разбирал Македонија како дел од светот во кој народите треба да се натпреваруваат културно, а не преку насилство и туѓи геополитички интереси. Тој јасно и бескомпромисно се спротивставувал на секое мешање на надворешни фактори во ослободителното дело на македонскиот народ, предупредувајќи дека лажните надежи и странските ветувања се подеднакво опасни како и отворениот непријател.

Особено визионерски денес делуваат неговите ставови искажани во писмо до Ефрем Каранов од 1895 година, напишано во Штип, во кое Гоце Делчев остро се спротивставува на проруските агитатори кои ширеле илузии за автоматска руска воена интервенција по кревање востание во Македонија.

Гоце Делчев не само што теоретски се спротивставувал на проруската агитација, туку активно работел против ширењето на нереални ветувања за ослободување со туѓа помош. Историјата, како што покажале настаните, му дала за право. Русија, и покрај очекувањата на дел од агитаторите, во периодот пред и за време на Илинденското востание работела на спречување и задушување на внатрешното востание во Македонија.

Академик Владо Поповски, повикувајќи се на руски официјални извори, наведува дека за време на Илинденското востание, рускиот министер за надворешни работи Владимир Ламсдорф им наложил на руските конзули да му ветуваат заштита на македонското население само доколку се откаже од комитетите и ги предаде востаничките водачи на османлиските власти, со цел востанието бргу и ефикасно да биде задушено.

Историчарката д-р Јасмина Дамјановска од Државниот архив на Република Северна Македонија истакнува дека ставовите на Гоце Делчев му дале автентичен, прогресивен и морален печат на македонското револуционерно движење. Неговата личност и дело, нагласува таа, ги обврзуваат сите генерации на зачувување на слободата, демократијата и независноста.

„Гоце Делчев со право беше наречен македонски и балкански Гарибалди – човек со сето големо значење на тој збор“, пишува д-р Дамјановска, потсетувајќи на неговите мисли за чистотата на движењето и за еднаквоста што Македонија ја бара од светот, а истовремено мора да ја обезбеди за сите свои граѓани.

Пред Илинденското востание, Делчев бил еден од најгласните поборници против избрзано кревање на востание, сметајќи дека ослободувањето мора да дојде во вистински историски момент и преку сопствени сили.

Гоце Делчев загина во судир со османлиската војска кај селото Баница, Серско, на 4 мај 1903 година. Неговите посмртни останки на 10 октомври 1946 година беа положени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде и денес се чуваат како една од најсветите реликвии на македонската државност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни