На CINEDAYS 2025 пристигнува Liveurope музичкиот шоукејс – шест европски бендови на сцената во МКЦ

Во пресрет на 24. издание на фестивалот на европски филм CINEDAYS, организаторите најавуваат дел од музичката програма што ќе се одржи во рамки на фестивалот.

Овојпат, публиката ќе има можност да ужива во специјален Liveurope showcase, кој ќе се одржи на 4 и 5 декември 2025 година во клубот МКЦ, со влез слободен.

Како дел од иницијативата #Liveurope, која ги поддржува концертните сали низ континентот во промовирањето на млади и талентирани европски артисти, на Cinedays: Музички блок ќе настапат шест различни бендови од регионот со свеж и автентичен звук.

Од Србија доаѓаат Ubili Su Batlera, кои ќе ја раздрмаат публиката со својот енергичен емо-пост-хардкор звук, инспириран од нивното ново EP издание од мај 2025 година. На сцената ќе се приклучат и Short Reports, познати по своите остри текстови и динамичен ритам, како и LU, чиј пост-панк израз нуди свежа визија и автентично сценско присуство. Посебен визуелно-музички настап ќе понудат Mitsko Biće, кои со својот космички инди пристап создаваат уникатна атмосфера.

Од Бугарија пристигнува Sunblinds, со својот препознатлив инди-рок и бедрум-поп звук, кој ветува безгрижна, лесна и мелодична енергија, додека Svire од Босна и Херцеговина ќе донесат емоционален и топол перформанс, исполнет со страст и интимност.

Фестивалската публика ќе може да ги доживее овие настапи на специјалната бина во клубот МКЦ, во две вечерни програми исполнети со нови звуци и европски енергии.

Програмата е овозможена со поддршка од Liveurope, првата паневропска иницијатива за промоција на млади европски музичари, која ги обединува водечките концертни сали од континентот во создавање на европска мрежа на современа музика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни