На четврти септември (четврток) во Кино салата во Валандово, со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на новата винил плоча на “Распеани Валандовчани”.
Најновото дело е создадено преку нивната соработка со еден од најистакнатите културни дејци во државата Мирко Попов.
Вокалната група “Распеани Валандовчани“ претставува чувар на локалното музичкото наследство. Нивната посветеност во негувањето на изворните мелодии, локалниот дијалект и традицијата е од непроценливо значење за нашиот културен идентитет.
Изданието на ансамблот„Распеани Валандовчани“ ќе биде 14то по ред винил издание на македонска музика, како резултат на работата на Мирко Попов и неговите соработници. Оваа плоча, ќе кажат неговите соработници, е дел од прогресивната мисла и визија за поквалитетен живот во нашата земја, која Мирко Попов неуморно ја градеше преку продуцирање, издавање и промовирање автохтона македонска музика, вткаена во творештвото на различни генерации автори и изведувачи.
Изданието е продуцирано во соработка со Владан Дробицки. Куриозитет е дека музичкиот запис ќе излезе на винил, кој се смета за најквалитетниот и најценет носач на звук во светот на музиката.
Распеани Валандовчани официјално функционираат и се регистрирани од 1973 година, но неофицијално постојат од 1946 година кога е формирано КУД Гоце Делчев Валандово, а е формирано врз осова на постоечкиот граѓански хор, младински хор и музичка секција.