Советот за безбедност на Обединетите нации закажа итен состанок откако Полска – за првпат во својата историја – официјално го побара тоа. Повод за барањето е сериозно нарушување на полскиот воздушен простор од страна на руски дронови.
Во барањето, кое го испрати постојаниот амбасадор на Полска при ОН, Кшиштоф Шчерски, се наведува:
„Овде сме за да ја изразиме нашата длабока загриженост и да ја насочиме вниманието на меѓународната заедница кон уште едно флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации од страна на Руската Федерација.“
Според него, на 9 септември, во текот на руски напади врз Украина, 19 дронови влегле во полскиот воздушен простор, што претставува директна закана за цивилното население, инфраструктурата и авијациската безбедност.
„Првпат од почетокот на руската инвазија во 2022 година, беше прекршен територијалниот интегритет на Полска, а со тоа и на НАТО и воздушниот простор на ЕУ, во толкав обем и размер.“
Полска наведува дека оваа нечуена ескалација го доведува целиот регион поблиску до конфликт отколку во кој било друг момент последниве години.
„Со оваа провокација Русија покажува целосно непочитување на напорите на меѓународната заедница за враќање на мирот. Го повикуваме Советот за безбедност да реагира.“
Полска воедно побара од Русија да прекине со агресијата врз Украина, да престане со провокации и да се придржува до Повелбата на ОН.
Барањето на Полска го потпишаа 48 држави од целиот свет.