Граѓанските протести се моќна форма на колективен отпор кој овозможува тие да ги изразат своите незадоволства, да побараат промени и да се спротивстават на неправдите кои ги доживуваат во своето општество. Балканските земји деновиве се соочуваат со масовен граѓански отпор. Преку различни начини и форми на протест, граѓаните покажуваат граѓанска непослушност и реакции на корупцијата, непочитувањето на човековите права, неправдата или лошото владеење.
Во Хрватска на 24 јануари започна бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените. Иницијативата, која потекна од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, зад која стои Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и од министерот за економија. Во споредба со 19 јануари 2024 година, на 24 јануари, бројот на поединечни сметки бил помал за 32%, а вредноста на тие сметки помала дури за 50%. По успешниот бојкот, се организира втора акција на на 31 јануари и се повикуваат граѓаните да не купуваат во три меѓународни трговски маркети – „Лидл“, „Еуроспин“ и ДМ.
По успешната граѓанска акција во Хрватска, и на социјалните мрежи во Босна и Херцеговина се шират повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани во петок, на 31 како израз на незадоволство од високите цени и нискиот животен стандард. Иницијаторите на кампањата ги повикуваат граѓаните да не купуваат ништо тој ден и однапред да ги обезбедат потребните намирници, да готват дома и да избегнуваат трошење пари во ресторани.
„Ова е начин да го покажеме нашето незадоволство од поскапувањето на храната и енергијата, додека платите на граѓаните остануваат ниски. Еден ден бојкот може да испрати силна порака“, гласи една од пораките споделени на социјалните мрежи.
Граѓаните на форумите на интернет истакнуваат дека цените на храната во БиХ се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија, додека трошоците за домување остануваат неподносливи.
Во меѓувреме, црногорската невладина организација Институт алтернатива, по успешната акција во Хрватска, ги повика граѓаните на 31 јануари да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците.
– В петок повикуваме на бојкот на супермаркетите и продавниците во Црна Гора, на сите без исклучок, бидејќи тоа нема никаква врска со политика. Високите цени подеднакво ги погодуваат сите граѓани, се наведува во соопштението.
Организацијата наведува дека цените се екстремно високи и дека водечките трговски синџири ги договараат цените, поради што граѓаните да не го почувствувале зголемување на платите и пензиите.
– Можеме ли политиката да ја оставиме настрана на еден ден? Да не се делиме, сите да бидеме едно, да им покажеме дека ние сме тие што одлучуваат, се посочува во соопштението на Институт Алтернатива.
Алтернатива Црна Гора ги повика граѓаните во петок да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците во земјата.
На 31 јануари бојкот на трговските објекти е закажан и во Словенија.
Здружението за заштита на потрошувачите Ефектива деновиве ги повика граѓаните на Србија да ги бојкотираат големите трговски ланци во петок на 31 јануари. Како причина за овој повик Ефектива посочи дека Србија има највисоки цени во Европа. Тие ги повикуваат сите граѓани тој ден да не купуваат ништо во големите трговски синџири како Delhaize, во кои спаѓаат „Макси“ и „Шоп&Го“, потоа Меркатор во кој спаѓаат „Идеа“ и „Рода“, како и „ДИС“ , Лидл и други.
Ова е само дел од она што деновиве се случува во Србија кога е во прашање граѓанската непослушност и граѓанскиот активизам. Повеќе од два месеци студентите во Србија ги блокираат факултетите у улиците во Белград и протестираат против начинот на кој владата го раководи образованието, автономијата на универзитетите, корупцијата во судскиот систем и вкупната состојба на образовниот систем.
На улиците на Белград се и земјоделците, просветните работници и сите оние кои бараат политички и општествени промени, заштита на демократските слободи, грижа за слободата на печатот, човековите права и корупцијата. Генерално се бара поголема одговорност од владата и подобри услови за живот.
Во Грција илјадници граѓани протестираа во центарот на Атина поради железничката несреќа кај Темпи во февруари 2023 година, барајќи правда за 57-те жртви, откако во јавноста излегоа нови информации од истрагата на техничкиот советник, ангажиран од семејствата на загинатите. Протести се одржаа речиси во сите градови во Грција.
Повик за бојкот деновиве има и на продавниците во Македонија. Драстично високите цени предизвикаа незадоволство кај граѓаните. Организаторите на бојкотот ги повикуваат граѓаните во петок да се воздржат од купување и користење услуги на маркетите, со цел да испратат јасна порака до одговорните за оваа економска состојба.
„Повикуваме на масовен бојкот во петок. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања,“ стои на социјалните мрежи.
„На Балканот или се немири или е страст“ е метафора која го опишува регионот кој има свој континуиран циклус на страст, конфликт и обнова, што го прави Балканот интересен и често непредвидлив во својот развој. Оваа контрадикторност, од немири до страст, го прави Балканот уникатен, но истовремено и понекогаш незгоден за разбирање…