Легендарниот американски актер Роберт Дувал, добитник на Оскар и еден од најценетите карактерни актери во историјата на Холивуд, почина на 96-годишна возраст. Веста ја потврди неговата сопруга Лусијана, а ја пренесе CNN.
Според соопштението на неговата агенција, Дувал починал мирно во неделата во својот дом во Мидлбург, Вирџинија. Семејството соопшти дека нема да има официјално испраќање, туку ги охрабрува сите што сакаат да му оддадат почит тоа да го сторат „гледајќи одличен филм, раскажувајќи добра приказна со пријателите или возејќи низ природа“.
Кариера што не се врзува за една улога
Иако многумина најмногу го паметат по улогата на Том Хејген во култниот филм The Godfather, во режија на Френсиси Форд Копла, кариерата на Дувал траеше повеќе од шест децении и опфати десетици значајни улоги.
Роден на 5 јануари 1931 година во Сан Диего, во семејство со воена традиција, Дувал рано се соочил со дисциплина и чести преселби. Глума студирал во престижната Neighbourhood Playhouse School of the Theatre во Њујорк, каде учел кај прочуениот педагог Санфорд Мајснер. Неговиот стил – воздржан, внатрешно интензивен и ослободен од театарска патетика – стана негов заштитен знак.
Од „Апокалипса денес“ до Оскар
Светска слава стекна и со улогата на потполковник Килгор во воениот филм Apocalypse Now, каде создаде еден од највпечатливите ликови во историјата на воениот филм.
Во 1983 година го освои Оскарот за најдобар актер за улогата во Tender Mercies, потврдувајќи дека може да понесе филм како тивок, емотивно комплексен протагонист.
Освен како актер, Дувал се занимаваше и со режија и продукција, а беше познат и по љубовта кон тангото и кантри музиката. За разлика од многу холивудски ѕвезди, никогаш не тежнееше кон гламур, туку кон длабочина и автентичност во изборот на улогите.
Со неговото заминување, Холивуд загуби актер чија кариера беше пример за доследност, професионализам и ретка уметничка интегритет.
Извор: Index.hr / CNN