Со неговото заминување згасна едно од најпрепознатливите имиња од историјата на македонскиот и поранешниот југословенски фудбал.
Васил Рингов најсилниот печат го остави во дресот на ФК Вардар. Во црвено-црните бои одигра над 200 натпревари и постигна 93 погодоци, статистика што го вбројува меѓу најзначајните стрелци и играчи во историјата на клубот.
Во својата кариера беше дел и од големи европски и југословенски клубови. Настапуваше за Партизан и Динамо Загреб, а интернационалното искуство го заокружи со ангажманот во германскиот Ајнтрахт Брауншвајг. Во македонското првенство, покрај Вардар, ги носеше и дресовите на Тетекс и Беласица, каде што ги направи и првите чекори во фудбалот.
Како македонски и југословенски репрезентативец, Рингов беше познат по својата ефикасност, борбен дух и фудбалска зрелост, поради што уживаше голем респект кај навивачите и стручната јавност.
Со неговата смрт, македонскиот фудбал изгуби исклучителен играч и спортска икона, чие дело и придонес ќе останат трајно запаметени.
Искрено сочувство до семејството, блиските и до целата фудбалска јавност.
Извор: Независен