На 13.Битолино гран при за Португалија

Тринаесеттото издание на ИДТФ „Битолино“ заврши со изведбите на претставите „2-квадратни метри“ од Унгарија и „Воздух“ од Словачка, оставајќи ја публиката во Битола восхитена од театарската магија. Годинешниот фестивал се одржуваше под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“ и понуди богат спектар на креативни изведби.

Гран-при наградата ја освои претставата „Големото езеро“ од Португалија, во продукција на Imaginar do Gigante. Стручното жири, предводено од претседателот Милан Пајиќ, заедно со режисерите Драгана Милошевски-Попова и Благојче Божиновски, едногласно одлучија дека оваа претстава ја заслужува наградата поради нејзината уникатност и силната порака. „Големото езеро“ ги истражува глобалните предизвици како што се затоплувањето и загадувањето на животната средина, претставувајќи ги преку магична визуелизација со помош на кукли и сенки.

Imaginar do Gigante е креативен театар кој преку своите изведби за деца внесува свежина и иновација во театарската уметност. Нивната работа е посветена на истражување на нови креативни процеси и естетики кои ја стимулираат имагинацијата и слободата на изразување кај децата.

Во рамките на фестивалот, беше организирана и театарската работилница „Приказна во движење“ под водство на пантомимичарот и режисер за пантомима, Војо Цветановски. Работилницата продолжи со традицијата на „Битолино“ да ги воведе децата во процесот на создавање театарски претстави преку говорот на телото.

Фестивалот се одржуваше на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настаните надвор од натпреварувачката програма беа на сцената на НУ Народен театар Битола. „Битолино“ е во организација на „Бабец театар“ и оваа година беше проект од национален интерес во културата за 2024 година, финансиски поддржан од Министерството за култура и Општина Битола како дел од програмата на Битфест 2024.

Фотографии: Ивона Кочов

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни