Најзагрозената пеперутка во Европа, која ја има само во Македонија, легално се продава преку Интернет

Иако Македонската сивка е критично загрозен вид пеперутка, сепак можете легално да ја набавите преку интернет низ цела Европска Унија.
Фото: Charles J. Sharp, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Македонската сивка е една од најзагрозените пеперутки во Европа. Може да се најде само на едно место во целиот свет: ридовите околу селото Плетвар.

Нејзиното живеалиште не е повеќе од околу 1,5 квадратни километри  и се состои главно од карпи и одредени видови трева од кои оваа пеперутка се храни додека е гасеница.

Македонската сивка е опрашувач, што значи дека носи полен од едно во друго растение. Со тоа се обезбедува опстанок и размножување на голем број цвеќиња кои обезбедуваат нектар не само за неа, туку и за другите инсекти, пишува „Дојче веле“.

Секој од овие инсекти е клучен дел од сложениот и кревок екосистем, а нивниот опстанок зависи од функционирањето на системот како целина. Најголемата закана за овој екосистем е човековата активност.

На пример, пет од седум приватни каменоломи за мермер во регионот се наоѓаат директно во живеалиштето на пеперутките, што дополнително ја намалува неговата и онака мала големина и го отежнува преживувањето на пеперутката.

„Загрижен сум, бидејќи човековата активност во оваа област  се зголемува секој ден“, вели ентомологот Владимир Крпач за Дојче Веле. „Не би било изненадување, доколку не се направи ништо значајно, да се изгуби овој вид кој живее само во Северна Македонија.“

Според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), која ја прогласи пеперутката за „критично загрозена“, евидентирано е намалување на дистрибуцијата или големината на популацијата меѓу 6% и 30%. И покрај овие алармантни бројки, не се преземаат посебни мерки за заштита на пеперутката.

Пеперутката, позната и како Чингова окатка, е заштитена со македонскиот закон од 2011 година. Како резултат на тоа, потребни се посебни дозволи за нејзино собирање, кои се достапни само за научниците.

Но, тоа не ги спречува ловокрадците. Поради недостиг на заштитни мерки и поради тоа што законот не се спроведува правилно, собирањето на оваа критично загрозена пеперутка е детска игра: ловокрадците едноставно можат да се шетаат низ ридовите покрај Плетвар и да си собираат пеперутки. Примероците што ги собираат потоа се продаваат на колекционери преку Интернет.

Не е тешко да се најдат примероци од оваа пеперутка на интернет. За помалку од 30 евра, колекционерите можат да купат примерок без страв од какви било правни последици.

„Со забраната на лов нема да се реши ништо“, вели за Дојче Веле еден продавач, кој претпочита да остане анонимен. „Аматерските собирачи нема да бидат засегнати. Ова трае со децении, а тука има уште многу пеперутки. Тоа е како овошно дрво. Секоја година ги собирате сите плодови, а следната година ќе ги има повеќе.“

Професорот Андреас Сегерер, ентомолог во Зоолошкото здружение во Минхен, потврдува дека ловокрадството не е нужно проблем кога станува збор за инсекти. За разлика од водоземците или цицачите, инсектите се размножуваат во милиони за да го обезбедат нивниот опстанок.

И покрај тоа што на ентомолозите како Сегерер им требаат мртви примероци за нивната научна работа, тој не одобрува собирање пеперутки за било што, освен за научни цели.

„Некои колекционери се мотивирани од желбата да поседуваат редок предмет“, вели тој. „Мислам дека тоа не е добар мотив за собирање, и во поединечни случаи – како што е можеби со овој вид, кој сè уште е многу редок – ова може да му наштети на неговата популација.“

Причината зошто Македонската сивка може легално да се купи во рамките на Европската Унија е поврзано со начинот на кој заштитата функционира на меѓународно ниво.

Иако ловокрадството, продажбата и извозот на пеперутката е нелегално во Македонија, дистрибуцијата во Европската Унија е всушност легална.

ЕУ ја заснова законитоста на трговијата со животни и растенија на CITES, Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора. Договорот е потпишан во 1973 година во Вашингтон и содржи списоци на видови кои се меѓународно признати како загрозени.

Секоја трговија со животни или растенија на оваа листа е нелегална во ЕУ и се спроведува со Директивата за дивиот свет. Сепак, Македонската сивка се уште ја нема на оваа листа. Иако има добри шанси таа да се најде таму во иднина, сепак треба да се надминат голем број пречки пред тоа да се случи.

Иако Македонската сивка е на црвената листа на IUCN, што е неопходен услов за да биде меѓународно заштитена од CITES, CITES се уште нема донесено конечна одлука за случајот со оваа загрозена пеперутка.

И покрај фактот дека инсектите кои опрашуваат се клучни за снабдувањето со храна на повеќето живи суштества на планетата, тие не се на радарот на многу екологисти.

„Мислам дека има слепа точка за инсектите во моментов, веројатно затоа што тие не се многу харизматични“, вели Одри Шамбоде, која се занимава со прашања за трговијата со диви животни во Светскиот фонд за природата (WWF) во Брисел.

Иако Шамбоде ја смета актуелната правна рамка за трговија со диви животни доволна, таа смета дека треба да се ажурира.

„Мислам дека од законодавна перспектива, најголемото подобрување што ни треба е ревизија на Директивата на ЕУ за еколошки криминал“, вели таа. Шамбоде се надева дека со зајакнување на системот, гонењето на нелегалната трговија со диви животни може да биде поефикасно.

Иларија Ди Силвестре од Меѓународниот фонд за благосостојба на животните (IFAW) се согласува дека Директивата треба да се зајакне. Но, наместо да го регулира увозот на животни само врз основа на CITES, таа претпочита да види систем кој е усогласен со американското законодавство.

„Ова е законодавство што го прави кривично дело трговијата со видови кои се заштитени во земјата на потекло“, вели таа. Во случајот со Македонската сивка, тоа би значело дека трговијата со оваа пеперутка автоматски би била нелегална во ЕУ, без потреба од исполнување на некои дополнителни критериуми.

Сите засегнати страни се согласуваат дека губењето на биодиверзитетот има потенцијал да предизвика уште поголема штета од климатските промени. Губењето на видови во екосистемите – дури и ако е само губење на нешто толку ситно како инсект – може да има големо влијание врз екосистемот како целина, што пак може да има сериозни импликации за целиот живот на земјата – вклучувајќи ги и луѓето.

Извор: Дојче Веле

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни