Најтопол јули во историјата во Турција

66 од 220 метеоролошки станици низ Турција регистрирале рекордни температури со просечно зголемување на температурата од 1,9 степени

Турција го забележа најтоплиот месец јули во последните 55 години, објави денес Министерството за животна средина.

66 од 220 метеоролошки станици низ Турција регистрирале рекордни температури со просечно зголемување на температурата од 1,9 степени Целзиусови во споредба со претходните години, соопшти Министерството.

Кон крајот на јули во Силопи, во југоисточна Турција, е измерена температура од 59,5 степени Целзиусови, што е апсолутен рекорд за таа земја, соопштија властите.

Градот Силопи се наоѓа во покраината Сирнак, на помалку од 10 километри од ирачко-сириската граница. Претходниот национален рекорд беше 49,5 степени Целзиусови и беше измерен во август 2023 година во западната покраина Ескишехир.

Во Турција, која во последните неколку недели е под интензивна жештина, во јули имаше неколку големи пожари. Четиринаесет лица ги загубија животите гасејќи пожари минатиот месец на западот од земјата.

Поради два големи пожари, стотици луѓе беа однесени на безбедно место во северозападната покраина Чанаккале во петокот, каде што преминот Дарданели беше затворен за поморски сообраќај.

Поради топлотниот бран, постоеја стравувања од недостиг на вода на некои места. Во одморалиштето Чешме во близина на Измир, на запад, немаше вода од 23:00 до 06:00 часот на 25 јули.

Соседна Грција е исто така погодена од топлотниот бран и пожарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни