Елфик, која студирала во училиштето од 2009 до 2012 година, вели дека како тинејџерка била под огромен притисок да ослабне, што ја довело до анорексија. Таа тврди дека наставници во училиштето ѝ укажувале на „проблематични“ делови од нејзиното тело, ја принудувале да се мери пред огледало и дури ја поттикнувале нејзината загуба на килограми со аплауз од другите ученици.
Во текот на третата година од школувањето, еден од професорите дури и ги заокружил нејзините бутови на фотографија што требало да ја испрати до потенцијални работодавци, посочувајќи дека тоа е нејзиниот „најголем проблем“.
Во соопштението на адвокатите на Елфик се вели дека таа развила „атипична анорексија“ и дека и денес страда од телесна дисморфија – нарушување во перцепцијата на сопственото тело.
Кралското балетско училиште не признава одговорност, но изрази задоволство што било постигнато „взаемно прифатливо решение“.
Body shaming – скриениот отров во балетските училишта и пошироко
Body shaming или посрамотување врз основа на изгледот е сериозен проблем што остава длабоки последици врз менталното здравје, особено кај младите луѓе. Овој феномен е особено присутен во балетските школи, каде што строгите естетски стандарди често водат до развој на нарушувања во исхраната и трајни психолошки последици.
За жал, ни Македонија не е исклучок. Балетските студии и училишта овде исто така имаат строги критериуми за изгледот на учениците, што кај многумина предизвикува несигурност и притисок да го сменат своето тело по секоја цена.
Затоа, потребно е јасно да се санкционира секоја форма на body shaming, не само во балетот, туку и во училиштата, спортските клубови и секојдневниот живот. Секој млад човек има право да расте и да се развива во средина каде што ќе биде ценет по својот талент, а не по бројките на вагата.