Најновиот бран

Има денови кога е сосем необјасниво од каде наплив на толку многу паметна и убава младина кај нас во Македонија. Нашава преубава татковина која во овие три декади (и плус нешто ситно) самостојност, направи буквално сѐ што може да се направи, за да ги убеди младите дека штом изникнат, треба веднаш да скројат план за бегство. Си реков можеби има нешто во водата која ја пиеме, но веднаш и со ужас побегнав од опцијата да размислувам што тоа има во водата која ја пиеме. Уште помалку сакам да знам што е со воздухот кој го дишеме. Бог да не чува, не сакам да знам. Никако… Сепак, овие млади луѓе кои чекорат низ скопското (и македонско) урбано секојдневие, ја пијат истата вода и го дишат истиот воздух кој го дишат и постарите, вечно гневни, незадоволни, полни со мизантропија и незаинтересирани за преземање било каква одговорност, граѓани на оваа земја.

Како децава да се гледаат во некое друго огледало, одамна недостапно за сезнајниот и суициден Македонец од третата декада на дваесет и првиот век… Или можеби се само се уште млади и “ќе им дојде памет“.

Е нема “да им дојде памет“! Знаат тие подобро. Се забележува тоа јасно од нивното воспитување, начинот на кој се држат и чекорат, креативниот однос кој го развиваат кон себе и нашето болно секојдневие. Пред се и над се, се забележува тоа од нивната музика и заедниците кои ги градат преку своето творештво. А нивното творештво, таа неверојатна свежина и младешка енергија, се далеку над нивото и просекот со кој одамна се согласиле претходните генерации, оние кои го креираат културниот меинстрим во Македонија.

Пандемијата, тој прекрасен општествено – политички, но и здравствен конструкт, прецизно ја одигра својата историска улога на сите нивоа во општеството, па и во сферата на културата. Сега е сосем јасно дека пандемијата ни го подари новиот бран, кој денес буквално владее со музичките сцени во земјата. Пред “корона“ ги немаше Луфтанза, Хајка, Corrosion, Занаду, Дивоградба, Вагина Корпорација, КЕМ, Пичвајс… Ова се бендови (ги има уште), поточно креативни културни формации, кои заедно го чинат колективот Гола Планина. Самиот префикс “колектив“ и очигледната ангажираност во градење заедница, проектира амбиција многу поширока од само на полето на музиката. Да не се разбереме погрешно, музички се неверојатни: свежи, а наслушани, комплексни и едноставни, храбри и музикални, напредни, а комуникативни. Луфтанза се гласот на новата генерација, имаат неколку одлични изданија, веќе се препознаени во регионот и само што се вратија од турнеја. Занаду звучат модерно и на моменти збунувачки “длабоко“ за деветнаесет годишници. Битолчаните Короужн (Corossion) отвораат нова страна во македонскиот независен рок, додека Пичвајс буквално растурија со досега невидено силна, а паметна метал – џез енергија. Хајка веќе и се распаднаа…

Сите овие луѓе и бендови се испреплетени меѓу себе, соработуваат на мал милион проекти, се дружат и создаваат содржина за која слободно можам да кажам дека е цветот на современата македонска жива култура. Она што мене ме возбудува додатно кај оваа формација на млади луѓе е свеста за општествениот контекст во кој делуваат. Тие знаат дека во Македонија со финансиите во музичката сцена владеат неколку “гејт кипери“ и дека нема многу мрдање без тие сиви еминенции. Децата знаат дека нема “да се изнајадат леб од музиките“ нели, но имаат своја структура, која е поврзана со светската мрежа, која речиси е во дисконтинуитет со мрежите на локалните играчи. Делуваат некако самоуверено во тенденцијата дека нема да бидат фатени во мрежата на кроткото медиокритетство на локалната музичка сцена. Згора на тоа, Гола Планина е и дискографска куќа за која издаваат сите овие бендови, со што децата сакаат да кажат дека имаат визија и градат своја издавачка приказна, независна од досегашните токови, што јас, како фанатичен издавач на современа македонска музика, топло го поздравувам.

Гола Планина се јави и како иницијатор и егзекутор на движењето “Сите за МКЦ“, кое претставува (не толку:) спонтана реакција на недомаќинскиот однос на градските власти кон единствената функционална институција која го засега културниот живот на младите во Скопје – Младинскиот културен центар. Во целата рашомонијада, децата од “Новиот бран“ покажаа доволно храброст, одважност и општествена композиција, да се организираат и јавно да го изразат своето незадоволство од непромислениот атак врз слободата на културното и уметничко изразување, кое МКЦ како институција го обезбедува за нашата младина веќе подолго време. Го направија тоа на еден прецизен, воспитан и креативен начин, токму како што одговара на најубавата и најпаметна младина која досега сме ја имале овде. Единствено што изостана, е поддршката на нивните постари, реномирани колеги, а особено од полето на рок музиката. Секоја чест на легендите, не?

Би можел да продолжам и ќе продолжам во недоглед да зборувам и пишувам за сјајот на оваа нова македонска генерација, деца и луѓе со извонредни карактеристики, особини кои постарите едноставно ги немаат, или ги изгубиле по пат. Пред да ставам точка на мојава деби колумна овде, ќе одговорам и на прашањето зошто е толку добра оваа нова генерација? Пред се музички, а потоа и човечки. Одговорот е: поради тоа што немаат никаква врска со нас J Утешна порака до постарите? Имам и тоа: Кога целата надеж ќе згасне, е тогаш нема веќе простор за песимизам. Размислете до следната средба.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни