Најмалку четири лица загинаа во напад на паравоени сили во Судан

Борбата меѓу суданската војска и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) ескалираше во централниот судански регион Кордофан, при што загинаа најмалку четири лица, соопштија денеска здравствени работници.

РСФ синоќа почнаа артилериско гранатирање на населбите во градот Обеид, главниот град на покраината Северен Кордофан, при што загинаа најмалку четири лица, а неколку беа ранети, соопшти Мрежата на судански лекари. Групата наведе дека цел на гранатирањето биле жени и постари лица.

„РСФ намерно предизвикуваат смртни случаи во населбите на Ел-Обеид, кои се густо населени со раселени луѓе и оние кои побегнале од подрачјата под контрола на РСФ“, соопшти групата.

Борбите во Северен Кордофан раселија околу 700 домаќинства меѓу 4 и 9 јули, според најновиот извештај на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Градот Обеид претходно беше упориште на РСФ. Суданската војска ја прекина едногодишната опсада на РСФ во февруари, обновувајќи го пристапот до јужно-централниот регион и зајакнувајќи ги клучните рути за снабдување.

Судан е во граѓанска војна од април 2023 година, откако тензиите меѓу војската и ривалските паравоени сили – РСФ ескалираа во борби кои се проширија низ целата земја.

Според последните проценки на ОН, во војната загинаа над 40.000 луѓе, а раселени се над 10 милиони луѓе. Многумина се доведени на работ на глад и страдаат од епидемии.

Борбите неодамна се интензивираа во регионите Кордофан и Дарфур. Хуманитарната криза се продлабочи во овие области, каде цивилите се соочуваат со блокиран пристап до безбедни патишта и се борат да добијат храна и медицинска помош.

Заменик обвинителот на Меѓународниот кривичен суд, Нажат Шамим Кан, вчера пред Советот за безбедност на ОН рече дека во западниот регион Дарфур во Судан се случуваат воени злосторства и злосторства против човештвото. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни