Најмалку 10 загинати на протести во Непал поради забрана на социјалните мрежи

Најмалку 10 демонстранти загинаа, а десетици се повредени откако полицијата во Катманду употреби сила за растерување на протестите против забраната на социјалните мрежи и корупцијата. Facebook, YouTube и други платформи се недостапни од петокот.

Полицијата во Непал употребила гумени куршуми, солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите во главниот град Катманду. Народот излезе на улица барајќи владата да ја укине забраната на социјалните мрежи и да се справи со корупцијата. Во немирите, загинале најмалку 10 луѓе, а 87 се повредени, јавува полицијата.

Од петокот, не се достапни повеќе социјални мрежи како Facebook, YouTube и X (поранешен Twitter), откако владата блокирала 26 платформи кои не биле регистрирани. Тоа ги налутило и збунало граѓаните.

Според очевидци, младите почнале протестот со интонирање на националната химна, развиорени со знамиња, а потоа преминале во остри повици против владата и забраните. Толпата се пробила низ бодликавата жица кај парламентот, а некои дури и прескокнале ѕидови и влегле во просторот околу зградата.

Полицијата возвратила со палки и солзавец. Солзавец дури влегол и во блиската болница каде што се носеле повредените, па докторите едвај можеле да работат.

Властите вовеле полициски час околу парламентот, претседателската резиденција и зградата на владата. Слични протести се случувале и низ другите делови на земјата.

Многу Непалци, особено младите, секојдневно ги користат социјалните мрежи за работа, вести и забава.

„Не сме тука само поради забраната – луѓето се и гневни од корупцијата и неправдите“, кажал еден 24-годишен студент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни