Најмалку 10 лица биле повредени од огнено оружје за време на протестите низ Кенија, додека граѓаните ја одбележуваа годишнината од антивладините демонстрации минатиот јуни во кои загинаа повеќе од 60 лица.
Повредените се хоспитализирани, а засега не е јасно кој го извршил пукањето, соопштија болнички извори и локалните медиуми, објави Ројтерс.
Демонстрациите беа организирани во чест на минатогодишните протести против спорниот закон за даноци, кои кулминираа со упад во зградата на парламентот.
Активистите и семејствата на жртвите повикаа на мирни маршеви по повод годишнината , јавува Ал Џазеира, но некои наместо тоа ги повикале луѓето да ја „окупираат Државната куќа“ – алудирајќи на официјалната резиденција на претседателот Вилијам Руто – а многу училишта и бизниси биле затворени поради страв од немири.
Полицијата ги блокираше главните патишта што водат до деловниот кварт на главниот град, а владините згради беа барикадирани со бодликава жица.