Истражувањата покажуваат дека најмалку 30 отсто од загадувањето во Скопје е предизвикано од загревањето на домаќинствата. Според УНДП само 21 отсто од домаќинствата во главниот град се приклучени на системите за централно грење, додека 45 отсто од домаќинствата се загреваат со огревно дрво.
Согорувањето на огревното дрво е еден од начините на греење што најмногу загадува. Покрај дрво, сиромашните семејства, користат и други уште поштетни материјали за греење кои можат да предизвикаат респираторни заболувања.
Со цел домот да биде потопол и безбеден, важно е каков огревен материјал се користи и дали истиот правилно се согорува. Се препорачува печката која се користи за греење на дрва да редовно да се чисти, со цел обезбедување на проток на воздух.
Експертите препорачуваат огнот да се пали со коцки за потпалување или непластифицирана и непечатена хартија или картон, а да се избегнува користење на отпадна хартија, која загадува.
Со цел полесно палење на огнот и побрзо затоплување, по коцките за потпалување, потребно е да се направи основа со тенки и мали дрвца, кои лесно горат, по што се додава огревното дрво, кое треба да биде суво и старо најмалку шест месеци.