Маргарита својата кариера ја започнува во Музејот во Охрид бидејќи поттекнува оттаму, а најголем впечаток и оставила работата кога се отворал Музејот на Робевци кога и таа била дел од екипата што работела на тој објект од историска важност. Кога дошла во Музејот на град Скопје, требала да работи документација, ама била распределена како водич, за да после 10 години почнала да работи како едукатор.
Трн: Како се снајде со работата со деца?
Маргарита: Јас кога почнав да работам сметав дека треба да бомбардираш со податоци, со знаење, со се и многу бев оптеретена за да подоцна сфатам дека треба да направиш приказна, да им ја доближиш на децата без разлика од која возраст се, да им пријдеш насмеан и весел и да соработуваш со нив. Не треба да држиш монолог, туку треба да имаш интерактивен пристап. И мислам дека успеав во тоа!

Трн: Каква е соработката со училиштата?
Маргарита: Имам одлична соработка со училиштата, особено со тие околу Музејот. Јас ги контактирам и благодарение на добрите односи кои сум ги воспоставила со нив имам многу добра соработка и во секое време, значи само што ќе се појавам, земаат список и буквално веднаш ме прашуваат: Кога да дојдеме?
Доаѓаат и студенти од Факултетот Историја на уметност, од архитектура, од Американ колеџ исто така. Од средните училишта вклучени се ГУЦ, Здравко Цветковски, Алгоритам, Нова, Јахја Кемал…А претходно доаѓале и студенти од медицина, за да можат да истражуваат скелети и слично.

Трн: Со која возраст на деца работиш?
Маргарита: Со деца од предшколска и школска возраст, ама со помалите е навистина голем предизвик да се работи, затоа што бараат голема инвентивност за да можеш да им задржиш внимание.
Трн: Која е целта на работилниците?
Маргарита: Во програмата на училиштата е влезено како ставка посета на музеј и јас навистина се трудам на децата да им всадам навика да одат во музеј со тоа што времето што го поминуваат тука гледам да е максимално интересно според нивни стандарди за тоа.
Работилницата ја прсипособувам на тоа што учат. Може да биде проекција на некој стар филм кој ни го позајмува Кинотека на Македонија со која имаме одлична соработка, потоа некоја едукативна работилница, да се нацрта нешто, да се изработи, ако учат праисторија одиме долу кај поставката за праисторија и дали ќе работат глина, дали ќе цртаат, различни активности во зависнот од возраста. Секогаш ги користам изложбите што ги поставуваат колегите за да бидат уште поинтересни едукативните работилници.

Амбиентот и излегувањето од секојдневието е клучно за меморијата на децата. Тие ги паметат активностите кои ги работеле тука.
Трн: Си била ли некогаш импресионирана од некоја група или поединец?
Маргарита: Еднаш одамна се импресионирав, кога почнував со едукација. Ми дојде една скопска градинка од населба Аеродром и темата на работилницата требаше да биде околу земјотресот. Јас се туфкав не знаев како да почнам со оглед на темата земјотрес, жртви и педагогот ме забележа и ми рече слободно се што треба кажете, не се стеснувајте, тие се подготвени. И децата почнаа да зборуваат, јас се ослободив и почнав да им раскажувам за земјотресот.

Трн: Која е темата на работилниците?
Маргарита: Минатата година беше 60 години од поплавата и со проекција на филмови реализиравме неколку работилници.
Оваа година комплетно ни е посветена на земјотресот и имавме повеќе соработки, меѓу кои најзначајна со Сеизмолошката Опсерваторија, имавме многу убави предавања од нивните експерти таму, проследени со едукативни работилници.
Трн: Како ќе се одбележи 13 ноември?
Маргарита: 13 ноември ќе го одбележам со неколку работилници, посета на ученици во Музејот на град Скопје, ќе има и една соработка со едно приватно школо за цртење со кои веќе сум имала соработка,ќе има проекции на филмови за ослободувањето на Скопје…

Трн: Како на тебе влијаеше оваа работа?
Маргарита: Многу убаво! Самиот контакт со децата е прекрасен, ме исполнуваат, уште како дете се чувствувам покрај нив, се наоѓам со нив, можам да се спуштам на нивно ниво, едноставно сум среќна кога сум опкружена со деца. Поголем предизвик ми е да работам со деца, особено со најмалите. Кога те гледаат со особено внимание и сакаат нешто да научат, и си среќен кога ќе те препознаат на улица. Кога ќе влезам во градинката која е во непосредна близина на Музејот, децата веднаш ме препознаваат и викаат по мене МАРГААА и тогаш ми се исполнува срцето!

Трн: Ако можеш да се вратиш назад во времето, во кој период би се вратила?
Маргарита: Во праисторија, на пример во Заливот на коските, во Охрид. На тие интересни куќички изградени на вода, затоа што како родена Охриѓанка имам нераскинлива врска со водата. Ама во секој случај како период би бил почетокот на светот. А и во средниот век градот Охрид бил преубав, баба ми има раскажувано како живеел тој горен град, чаршијата, приказните за старите рибарски семејства…