Интервју со Тони Димков, новинар

Најголемиот успех е што успеав 34 години да опстојам во областа на културата

Тони Димков е неуморен културен хроничар кој со својата неуморна посветеност и страст кон културата постојано ја поддржува македонската културна сцена. Со преку три децении искуство во новинарството, тој е значаен фактор и неизоставен дел од медиумската поддршка за сите значајни културни настани во земјата. „Во секој број имам интервју на две страници во весникот. Тоа е мојот начин на спротиставување на наметнатите „кратки форми“. И секогаш се држам до кодексот и стандардите на новинарската професија“. Интервјуто со Тони Димков е класично, на две страници, затоа што Тони има што да каже и раскаже и со тоа да го задржи вниманието на читателите.

Трн: Што те мотивираше да работиш во културната редакција повеќе од 30 години и како успеваш да останеш посветен и полн со ентузијазам?

Тони: Во амбиент на културна редакција работев порано, кога постоеја редакции за култура во медиумите. Во последниве десетина, можеби и повеќе години, работам во рубрика за култура. Во последниве пет години го подготвувам неделниот прилог за култура „Културен печат“ во дневниот весник „Слободен печат“. Посветеноста доаѓа од годините поминати со новинарството од областа на културата. На почетокот, во 1990 година, соработував со тогашниот „Студентски збор“ како музички новинар. Со ист фокус работев и во некогашното „Студентско радио“. Вистинскиот професионален ангажман во областа на културата го имав во периодот кога работев во Македонската телевизија, во периодот од 1995 до 2004 година. Потоа се редеа моите ангажмани во печатени медиуми, како неделниците „Глобус“, „Форум“, „Граѓански“. Во одредени периоди сум соработувал и со весниците „Утрински весник“ и „Дневник“. Низ сите овие медиуми настојував да работам само во областа на културата, а тоа ми овозможи да стекнам широк круг на познанства од културната сфера и меѓу уметниците. Така, посветеноста се претвори во широко поле за работа. Лично се познавам со речиси сите познати и значајни уметници од сите области на културата во државава. А ентузијазмот – тој е базиран на желбата за присуство на секој позначаен концерт, промоција, изложба, претстава, филмска проекција.

Трн: Како правиш селекција и приоретизација на настаните што ќе ги покриеш, особено кога има повеќе интересни случувања во исто време?

Тони: Селекцијата секогаш зависи од планот за работа. Во планот прво ги забележувам најголемите и најзначајните настани во текот на работната недела. Во „Културен печат“ работам со неделен план и гледам да ги опфатам настаните што се случуваат неколку денови пред и по излегувањето на бројот. Прилогот излегува во викенд-изданието на „Слободен печат“, така што опфаќам период од две седмици. Некогаш има и повеќе настани во една вечер, но се обидувам да стигнам барем на два. Притоа битно е тие настани веќе да сум ги ставил во планот. Има и исклучоци, кога не можам да стигнам на одреден настан, тогаш се обидувам да го покријам со друга форма, со изјава од автор или како фотовест. Секако, селекцијата зависи и од просторот со кој располагам, а кога ќе се пополнат осумте страници во прилогот, останува можноста за некој од настаните да објавам информација само на сајтот на „Слободен печат“.

Трн: Што мислиш за сѐ пократките форми на новинарски текстови, прилози? Дали се согласуваш со новите форми и стандарди во новинарството?

Тони: Кратките форми се појавија со појавата на социјалните медиуми и нивното сѐ поголемо учество во секојдневниот живот кај сите нас. Големиот број интернет-портали и споделувањето на вестите преку социјалните медиуми доведоа до хиперпродукција на информации. Најчесто тоа се исти вести споделени од различни медиуми. Тука како поголем проблем го гледам копи-пејст новинарството, отколку кратката форма на текстовите. Тоа, пак, доведе до спуштање на стандардите на новинарските производи, а со тоа и до поевтинување на новинарскиот труд. Од друга страна, хиперпродукцијата доведе до намалување на границата на концентрација кај читателите, а голем дел од нив веќе не ги читаат текстовите, туку се задржуваат само на насловите. Затоа се појавија сензационалистички кликбејт наслови. Сето ова води кон самодеструкција на новинарската професија. Најтажно е што во овие услови не е можно да се иницира некаква промена во системот, кој веќе работи по инерција, бидејќи самиот систем (алгоритамот на социјалните медиуми) не дозволува иницијативата да биде видлива.

Секако, не можам да се согласам со овој начин на уништување на новинарството. Текстовите за прилогот „Културен печат“ сѐ уште ги подготвувам по „стари методи“. Во секој број имам интервју на две страници во весникот. Тоа е мојот начин на спротиставување на наметнатите „кратки форми“. И секогаш се држам до кодексот и стандардите на новинарската професија.

Трн: Кој е најголемиот предизвик што си го имал во твојата кариера и како го надмина?

Тони: Најголемиот предизвик ми се случи пред точно 20 години, кога присилно морав да ја напуштам работата во Македонската телевизија и да барам друга работа. Значи не работа во друг медиум, туку друга работа! Бидејќи после 10 години работа во МТВ навистина не знаев како понатаму да продолжам во животот. За среќа, мојот новинарски ангажман бил забележан и од други уредници, па почнав да добивам понуди за соработка од други медиуми. Тогаш се случи мојот пресврт кон печатените медиуми. Новинарскиот производ е ист во сите медиуми, а нијансите се во технологијата на пласирање на информацијата. Печатените медиуми бараат најголем ангажман од новинарот во финализирање на новинарскиот производ, бидејќи целиот текст зависи само од новинарот. Во телевизијата има камера и монтажа, во радиото има микрофон и монтажа, а во печатените медиуми новинарот треба сам да се справи со целата материја. Предизвикот го надминав со тоа што свртив нова страница во животот и не отстапувајќи од посветеноста кон културата продолжив со новинарството.

Трн: Дали некогаш си бил во конфликт со некого заради објавен текст? Како си се справил со таквите ситуации?

Тони: Не сум имал таква ситуација. Професијата е таква што повремено се поткраднува по некоја правописна грешка во текстот, но не сум имал ситуација со некого да влезам во конфликт заради објавен текст. Обратно, ми се случувало да стигне реакција до мене за текст што не сум стигнал да го објавам, односно да не успеам да стигнам на некој настан и да немам текст за тој настан. Динамиката на животот веќе толку е зголемена што секојдневно се случуваат по неколку настани. Начинот на справување во ваквите ситуации е со добра подготовка на работниот план.

Кои се твоите совети за новинарите кои сакаат да работат во културната редакција? Што треба да знаат и на што да се фокусираат, со оглед на тоа што опаѓа интересот за новинарство кај младите?

Тони: Во последниве години се менува дефиницијата на новинарската професија. Проблемот со хиперпродукцијата на информации веќе го спомнав. Општата состојба во професијата делува дестимулативно за новите генерации. Затоа опаѓа нивниот интерес за новинарството. Уште помал е процентот на тие што би сакале да работат само во областа на културата. Новите генерации ќе мораат да го прифатат предизвикот да бидат „тотални новинари“. Тоа значи дека покрај подготовката на новинарскиот текст ќе мораат истовремено да знаат да снимаат, да монтираат, да обработуваат фотографија, да владеат со социјалните медиуми, бидејќи нема враќање назад. Веќе нема „класично новинарство“, туку новинарот треба да биде сѐ во едно. Ако некој се одлучи само за културата, тогаш ќе треба да оди на настаните, да се запознава со творештвото на уметниците, да се посвети на професијата со целиот дух, а не само во рамките на работното време.

Трн: Што сметаш за свој најголем успех?

Тони: Најголемиот успех е што успеав веќе 34 години да опстојам само во областа на културата во сите медиуми во кои сум работел. Имало моменти кога сум бил под силен притисок да работам и во други области, но тоа се разрешувало со промена на медиумот. Моите посветеност, професионалност и ентузијазам веќе се потврдени со повеќе награди, а ќе ги спомнам само Државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ за особено значајни остварувања од областа на новинарството во 2016 година и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за професионалната посветеност и публикувањето на настаните од уметничкиот и културниот живот во Скопје во прилогот за култура „Културен печат“, која ја добив во 2020 година. Како успех го сметам и објавувањето на пет публицистички книги во кои поместив над 150 интервјуа кои сум ги објавувал во повеќе различни медиуми.

Трн: И недостасува ли култура на културата? Што би сакал да видиш како промена во културната политика на државата?

 Тони:Тешко дека може да се зборува за културна политика на државата во ситуација кога буџетот за култура се зголемувал, а истовремено се намалувале средствата за поддршка на проектите што аплицирале на Годишниот конкурс на Министерството за култура, како што се случува во изминатите неколку години. Дури 60 проценти од буџетот за култура оди за плати на вработените во установите од областа на културата. Од друга страна, значајни културни фестивали и манифестации, како „Скопје џез фестивал“, „Оф-фест“, „Скопско лето“ добиваат преполовени или десеткувани буџети за продукција. Дополнително, голем број културни установи не добиваат доволно средства за да ги одржат објектите во функционална состојба. Некои капитални објекти, како новиот објект на Турскиот театар, на пример, се градат со години. Состојбата со заштитата на движното и недвижното културното наследство во голем процент е загрижувачка. Основниот проблем во државната политика за културата е стратегијата, која најчесто останува само „буква на хартија“. Многу културни установи работат според застарен модел од времето на социјализмот. Растот на независната културна сцена никој не сака да го забележи, уште помалку да го поддржи. Потребни се промени во системот на финансирање на културата и отворање можности општествено-одговорните компании да инвестираат во културата. Култура имаме, само треба да се создадат услови да биде поддржувана на културен начин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни