Најголемиот корал во светот откриен во Тихиот океан

Научниците го открија најголемиот корал во светот во југозападниот дел на Тихиот Океан, објави Би-би-си во четвртокот.
Фото: Manu San Félix, National Geographic Pristine Seas

Мега корал, кој се состои од многу ситни суштества врзани заедно во еден организам наместо гребен, би можел да биде стар повеќе од 300 години.

Група истражувачи велат дека е поголем од синиот кит.

Го пронашол видеограф од брод на National Geographic кој ги посетувал оддалечените делови на Пацификот за да ги документира ефектите од климатските промени.

„Отидов да нуркам во местото каде што беше потонатиот брод според картата, а потоа видов нешто“, изјави Ману Сан Феликс.

Тој ги повикал својот син и колегата нуркач Иниго и заедно нурнале подлабоко за да го истражат феноменот.

Гледањето на коралите, кои се наоѓаат покрај Соломонските Острови, беше како да гледате „подводна катедрала“, рече тој.

„Беше многу емотивно. Чувствував огромна почит кон нешто што останало на истото место и преживеало стотици години“, рече тој.

„Помислив: ‘Леле, ова било таму кога Наполеон беше жив’“, додаде тој.

Научниците од експедицијата го измериле коралите со еден вид подводен мерач. Широк е 34 метри, долг 32 метри и висок 5,5 метри.

Коралите ширум светот се соочуваат со сериозни притисоци бидејќи океаните се загреваат поради климатските промени.

Коралите, кои често се опишуваат како „архитекти“ на морето, можат да се здружат за да создадат огромни гребени кои се дом на риби и други видови.

Коралните гребени поддржуваат и милијарда луѓе со поттикнување на туризмот и овозможување риболов, меѓу другото, според Светскиот економски форум.

Овој примерок е пронајден во подлабока вода од другите корални гребени, кои можеби го заштитиле од повисоките температури на површината на морето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни