Градоначалникот на Будимпешта, Гергељ Карачони денеска изјави дека на Будимпешта и се заканува најголемата поплава во последната деценија, а властите веќе почнале да се подготвуваат за претстојната катастрофа.
Поради огромниот пораст на водостојот на реката Дунав поради обилните врнежи во претходните денови, Будимпешта сериозно се подготвува за можни поплави. Шефот на Генералната дирекција за вода излезе со соопштение во Фејсбук, во кое им дава упатства на жителите како да постапат и со кого да контактираат во случај на поплави.

Ангажирани се и 350 војници, кои работат на спречување на катастрофата во моментов, пишува унгарскиот портал Телекс.
Во меѓувреме, градоначалникот на Будимпешта изјави дека сите возила кои се паркирани на одреден дел од кејот мора да бидат отстранети што е можно поскоро. „Најголемата поплава во деценијата се приближува кон Будимпешта“, најави тој.
Посебно е важно автомобилите што поскоро да се отстранат, за да не мора подоцна надлежните да ги одземаат. Вчера градоначалникот на Будимпешта објави трет степен на тревога од поплави, долж сите потенцијално опасни сектори покрај реката Дунав.

Поради сериозноста на ситуацијата, бизнисите и институциите во главниот град на Унгарија веќе започнаа со работа на заштита од поплави, објасни градоначалникот на Будимпешта.
Последните прогнози укажуваат дека водостојот на Дунав во втората половина на следната недела ќе достигне максимални над осум метри. Степенот на тревога ќе почне да важи од денес соопштија од кабинетот на градоначалникот.
Прогнозите велат дека водостојот на Дунав и Лајта ќе го достигне, а можеби и ќе го надмине нивото на водата од 2013 година, кога Будимпешта беше погодена од невидени поплави..
Меногу од политичарите се приклучија на акцијата и помошта на насипите околу Дунав, меѓу кои и Петер Маџар и Естер Виталиос.