Најдобро време од денот за вежбање ако сакате да го намалите холестеролот

Откритието дека имате висок холестерол може да биде аларм, но и мотивација за позитивна промена.

Еден од најефикасните начини за подобрување на здравјето е редовното вежбање – кое помага во намалување на „лошиот“ LDL холестерол и зголемување на „добриот“ HDL. Но, многумина се прашуваат: дали постои идеално време од денот за вежбање кога станува збор за холестеролот?

Според експерти со кои разговарал порталот Eating Well – кардиолог, диететичар и фитнес тренер – не постои едно „најдобро време“ за сите. Но, постои време кое најдобро ќе ви одговара лично вам – и токму тоа е најважно.

Што велат студиите?

Иако нема универзален одговор, некои истражувања даваат предност на утринските вежби.
Кардиологот д-р Арон Фајнголд објаснува дека нашиот циркадијален ритам – биолошкиот часовник – влијае врз метаболизмот на мастите. Холестеролот најмногу се создава ноќе, па утринската физичка активност може да го прекине овој циклус и да го поттикне HDL холестеролот. Една студија покажа дека утринските вежби го намалуваат LDL и го намалуваат ризикот од срцеви болести и мозочен удар.

Од друга страна, вежбањето попладне или навечер исто така има свои предности. Според диететичарката Мари Спано, тогаш инсулинската чувствителност е поголема, што му помага на телото поефикасно да ги отстрани мастите од крвта. Подоцнежните тренинзи можат да ја намалат инсулинската резистенција до 25%, што е директно поврзано со подобрен липиден профил.

Предности на утринските вежби

  • Помала веројатност за прескокнување тренинг поради дневни обврски
  • Подобра контрола на апетитот и поздрави одлуки во текот на денот
  • Подобрена инсулинска чувствителност
  • Покачено ниво на тестостерон и хормон за раст – важно за метаболизам и мускулен тонус

Зошто некои луѓе повеќе одговараат на попладневно или вечерно вежбање?

  • Телото е во поголема физичка кондиција попладне – мускулите се пофлексибилни, телесната температура повисока
  • Подобри перформанси и можност за поинтензивен тренинг
  • Одличен начин за ослободување од стрес по работниот ден
  • Може да придонесе за подобар сон – а со тоа и за регулиран кортизол, кој влијае врз нивото на масти во крвта

Најважно – доследноста

Сите експерти се согласуваат: најдоброто време за вежбање е времето кое можете редовно да го почитувате. Без оглед дали е рано наутро или навечер по работа – она што е одржливо за вас, е најдобриот избор.

Како да започнете?

  • Вежбајте најмалку 150 минути неделно (на пример, 30 минути, пет дена во неделата)
  • Изберете активност што ви причинува задоволство: брзо одење, велосипед, пливање, вежби со тежини
  • Планирајте однапред, вежбајте со пријател или побарајте поддршка од тренер
  • Потсетувајте се зошто започнавте: подобро здравје, повеќе енергија, намален холестерол

Редовната физичка активност е една од најдобрите одлуки што можете да ги донесете за своето срце. Започнете со мали чекори – и нека времето на вежбање биде ваше време за здравје.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни