Првата масовна гробница со 19 тела е пронајдена во петокот во фарма во југоисточниот град Куфра, се вели во соопштението на Дирекцијата за безбедност, додавајќи дека властите ги однеле телата на обдукција.
Дирекцијата за безбедност Алвахат на својата Фејсбук страница објави слики на кои се гледаат полицајци и медицински лица како копаат во песокот и извлекуваат мртви тела завиткани во ќебиња. Сликите подоцна на мрежата X ги објави невладината организација Migrant Rescue Watch.
Добротворната организација Ал-Абрин, која им помага на мигрантите во источна и во јужна Либија, соопшти дека некои од нив биле застрелани и убиени пред да бидат закопани во масовна гробница.
Според Мохамед ал-Фадеил, шеф на комората за безбедност во Куфра, посебна масовна гробница со најмалку 30 тела е пронајдена и во тој град, по рација во центар за трговија со луѓе. Според тврдења на преживеаните, во гробот биле закопани речиси 70 луѓе и затоа властите сè уште ја пребаруваат областа.
Масовните гробници на мигрантите не се невообичаени во Либија. Минатата година властите откопаа тела на најмалку 65 мигранти во регионот Шуајриф, 350 километри јужно од главниот град Триполи.
Либија е транзитна точка за мигрантите кои од Африка и од Блискиот Исток се обидуваат да стигнат до Европа. Земјата западна во хаос по бунтот поддржан од НАТО во кој беше соборен и убиен долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи во 2011 година. Со Либија, која е богата со нафта, во поголемиот дел од изминатата деценија владееја ривалски влади во источна и западна Либија, секоја поддржана од низа милиции и странски влади.
Трговците со луѓе имаат корист од повеќе од една деценија нестабилност, криумчарејќи мигранти преку границите на земјата со шест нации, вклучувајќи ги Чад, Нигер, Судан, Египет, Алжир и Тунис.
Групите за права и агенциите на ОН со години документираат систематска злоупотреба на мигрантите во Либија, вклучувајќи принудна работа, тепање, силувања и тортура. Злоупотребата често ги придружува напорите да се изнудат пари од семејствата пред да им се дозволи на мигрантите да ја напуштат Либија со чамци на трговци.
Според групите за права и експертите на ОН, оние кои биле пресретнати и вратени во Либија, вклучително и жени и деца, се држат во центри за притвор управувани од владата каде што исто така страдаат од злоупотреба, вклучувајќи тортура, силување и изнуда.