Слаѓана Вујошевиќ, актерка

Најважно е да си поставуваш предизвици и да бидеш искрен пред себе

Пред да го направиме интервјуто со Слаѓана Вујошевиќ изгледавме и исчитавме доста нејзини интервјуа и настапи и впечатокот беше дека е навистина личност која е веќе редок вид. Без никаква надменост и со голема почит го прифати интервјуто и во сите одговори се гледаше нејзината скромност и висока култура. Искреноста е секако нејзина најголема вредност, па токму затоа и нејзините одговори се целосно искрени и полни емоции. Околу нејзината популарност ќе каже: „Ми се случуваше во Турција да ме застанат луѓе на улица и да ми речат те молам кажи ја вистината, бидејќи мојот лик лажеше нешто. Имаше жени што ми приоѓаа и ми кажуваа те молам цела вечер плачев, зошто и правиш така на другарка ти, така да многу се соживуваат.“ А за тоа кој лик извршил најголемо влијание врз неа прочитајте во интервјуото. За Трн, Слаѓана Вујошевиќ, актуелна како програмски директор на Скомрахи 2023.

Трн: Минатата година доби високо признание Жена на годината за 2022 год за ликот на Биби. Дали сметаш дека можеби глумење на вакви детски ликови е она што најмногу ти лежи според енергијата, насмевката, харизмата?

Слаѓана: Дефинитивно е предизвик, за успех нека зборат другите, ама секако ми беше најголем предизвик од мојата актерска кариера. Инаку ние актерите сме навикнати да креираме преку сите наши инструменти, преку тело, преку глас, преку емоции, мисли. Овој пат ликот на Биби ме ограничува да творам само преку гласот, меѓутоа ми отвора еден нов свет со која добив улога и сфатив која одговорност ја носи бидејќи е лик за најмладата публика. Ме освестува за моќта на уметникот, да шири и воспитни и едукативни вредности да поставува цврсти темели на најмладите генерации.

Трн: Кој е твојата хероина ?

Слаѓана: Хм, убаво прашање. Секојдневно се сеќавам со разно разни херои. Моите родители се моите херои, луѓе од кои јас ги примив моите вредности и од кои секојдневно учам што е љубов, што е безрезервна поддршка, што значи искрено да се радуваш за другиот!

Трн: Вработена си во Турскиот театар,предаваш и на ФДУ. а годинава се јавуваш и во улога на програмски директор на Скомрахи. По кои критериуми направивте селекција? Зошто има повеќе филмови од претстави?

Слаѓана: Оваа година сакавме да биде поразнолика програмата за разлика од минатите години и токму затоа имаме 7 странски претстави и од Балканот и од Европа, и тоа од: Загреб, Цетиње, Истанбул,Варшава, Букурешт, Софија..и внатре во самата програма гледаме да имаме и физички театар, и класичен театар, да имаме монодрама, кореодрама, постмодерен театар, така да гледавме да биде што поразнолика затоа што гелдавме нашите студенти да го споредат и видат што се работи на другите академии а истовремено да видат и нешто што не се работи кај нас, некој театарски израз, за кои немаме предмети. Претставата што ни доаѓа од Бугарија е исклучително физички театар, што како техника не се изучува кај нас, па затоа имаме и работилница по пантомима што ни доаѓа оттаму. Оваа година сакавме да ги прифатиме сите филмови со кои аплицираа факултетите, па оттаму и бројката е голема.

Трн: Ако направиш паралела меѓу Турскиот театар и Македонскиот народен театар, кои би биле главните разлики? Какви претстави се поставуваат во едниот а какви во другиот? Кој е стримот на Турскиот народен театар?

Слаѓана: За жал Турскиот театар веќе години наназад нема голема продукција, од причина што нема свој објект каде што би можел да создава. Тоа е и причината што годишно излегуваат многу малку претстави. На репертоар се поставуваат 3-4 претстави,но за жал животот на тие претстави е многу краток и нема каде да се игра. Со театар Комедија го делиме објектот, меѓутоа тие имаат доста богат репертоар и не останува многу време за нас, бидејќи тие имаат предност. Не може да се одржи контакт со публиката.

Трн: Театар или филм и зошто?

Слаѓана: Никогаш не би се определила за едно бидејќи имам можност и капацитет за двете, колку и нескромно да звучи сметам дека ако се сака, се се може. Многу е важно еден актер да си поставува предизвици, а менувањето на медиум му овозможува на секоја актер постојано да расте и да наоѓа нови и нови начини како да го адаптира својот израз за различна публика.

Трн: Имаш глумено во неколку турски серии кои може да се каже дека се едни од најгледаните кај нас. Меѓутоа истите тие серии се многупати девалвирани во смисла дека не се ништо повеќе од лимонади и сапуници. Како гледаш ти на тоа? Какво искуство ти беше глумењето во вакви серии?

Слаѓана: Пред се, од технички аспект ми беше огромно искуство бидејќи имав интензивна работа пред камера, што мислам дека е бесценето за еден актер. Телевизиските серии се често критикувани за својата плитка содржина, меѓутоа од друга страна сериите се едни од највлијателните медиуми во Турција, меѓутоа и во светот, па и кај нас, така што се една извонредна алатка преку која уметникот може да испрати порака или барем својата популарност стекната од глумењето во овие серии, да ја искористи да наметне некои свои вредности. Дефинитивно сметам дека се корисни од тој аспект. Мене ми донесоа една препознатливост и можев да ги протнам сите други пораки кои јас сакав да ги упатам до публиката. Ми се случуваше во Турција да ме застанат луѓе на улица и да ми речат те молам кажи ја вистината, бидејќи мојот лик лажеше нешто. Имаше жени што ми приоѓаа и ми кажуваа те молам цела вечер плачев, зошто и правиш така на другарка ти, така да многу се соживуваат. За мене беше фасцинантно колку многу луѓето гледаат, како гледаат и она што е многу важно во Турција тие актери ја користат таа популарност за позитивни кампањи.

Трн: Има ли некоја улога која извршила особено влијание на тебе?

Слаѓана: Биби од секој аспект! Ми дава одговорност како лик и љубовта што ми ја носи публиката на настапите во живо е нешто кое никогаш не сум го доживеала како актер, толку интензивно.

Трн: Има ли некоја улога која никогаш не би ја прифатила?

Слаѓана: Улога како улога нема, меѓутоа имаше еден американски професор кој ни кажуваше како да проценуваме на кој проект би се нафатиле да работиме и ни рече дека секогаш треба да разгледуваме три критериуми: едниот е уметнички да ве исполнува, вториот е екипата да ви се допаѓа и третиот е финансиски да ве исполнува, ако не се исполнети два од овие критериуми, не е тоа работа за вас. Така што би рекла дека повеќе фактори играат улога.

Трн: Кој беше твојот добар пример во детството? Кои цртани филмови ти беа омилени? Гледаш ли уште цртани?

Слаѓана: Том и Џери, а омилен лик ми беше сивото дебелко другарче на Џери што се појавува на еден цртан филм за Денот на благодарноста и ја јаде целата маса. Хахахахха.

Трн: Имаш ли омилен режисер, филм?

Слаѓана: Јоргос Лантимос и филмот „Кучешки заб“.

Трн: Кој жанр на книги го читаш?

Слаѓана: Моментално многу читам спиртуалност од типот на Екарт Тол, Садгуру, тие многу ме привлекуваат, сега почнав да го читам и Габор Мате бидејќи интензивно почнав да практикувам медитација и да вежбам јога.

Трн: Што никогаш не би ризикувала?

Слаѓана: Никогаш не би ризикувала неискреност пред себеси, да прифатам нешто што ќе се коси со твоите вредности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни