Најмалку 12 лица загинаа, а 3 се повредени откако по експлозија во фабрика за производство на муниција во Турција, избувна пожар.
Според досегашните информации, експлозијата се случила во фабриката за производство на муниција ЗСР, а од експлозијата се урнала зградата. Фабриката се наоѓа во областа Кареши во Баликесир. На местото на експлозијата се службите за итни случаи, пожарникари и други специјализирани екипи кои се обидуваат да утврдат дали во зградата се уште има луѓе.
Гувернерот на Баликесир, Исмаил Устаоглу, на местото на настанот потврди дека како последица на инцидентот има загинати и повредени. Отфрлајќи ја можноста за саботажа, Устаоглу рече дека продолжуваат да бараат и да утврдат колку луѓе имало во објектот. Устаоглу изјави дека експлозијата се случила во одделот за производство на капсули во фабриката околу 8:25 часот утринава, по локално време.
Се уште не е познато што точно ја предизвикало експлозијата, но според извештаите, пожарот сега е ставен под контрола. Фабриката, која беше отворена во 2014 година, е специјализирана за производство на муниција за лесно оружје.