Најдобрите јаткасти плодови за намалување на крвниот притисок, според нутриционистите

Иако е добро познато дека јаткастите плодови носат бројни здравствени придобивки, помалку се знае дека некои од нив можат да помогнат и во намалувањето на крвниот притисок.

Здравата исхрана игра клучна улога во одржувањето на кардиоваскуларното здравје, а одредени намирници имаат изненадувачки силен ефект. Меѓу нив се истакнува еден мал, но моќен јаткаст плод – ф’стаците.

Ф’стаците се богати со калиум, здрави масти и растителни влакна. „Ф’стаците се одличен избор за здравјето на срцето, особено ако се консумираат несолени,“ вели нутриционистката Андреа Матис за EatingWell. Само една порција содржи речиси 300 милиграми калиум – минерал што му помага на телото да го елиминира вишокот натриум и ги опушта крвните садови, што придонесува за стабилизирање и намалување на крвниот притисок. Освен тоа, ф’стаците природно содржат многу малку натриум, што дополнително ги прави погодни за лицата со висок притисок.

Овој јаткаст плод е исто така богат со антиоксиданси кои помагаат во борбата против хроничното воспаление – состојба што често се поврзува со покачен крвен притисок.

„Ф’стаците содржат мононезаситени масти кои имаат позитивно влијание врз липидниот профил – го намалуваат ‘лошиот’ LDL холестерол и го зголемуваат ‘добриот’ HDL,“ додава Матис. Овие здрави масти, заедно со антиоксидансите како витамин Е и лутеинот, ја поддржуваат флексибилноста на артериите и ја подобруваат функцијата на ендотелните клетки што ги обложуваат крвните садови – фактори клучни за здрава циркулација и намалено воспаление.

Иако ф’стаците се корисен додаток во исхраната, нутриционистите нагласуваат дека тие треба да се консумираат како дел од севкупен, балансиран пристап кон здравјето.

„Вистинскиот ефект се постигнува со холистички пристап – што вклучува исхрана богата со овошје, зеленчук и интегрални житарки, редовна физичка активност, избегнување на пушење и умерено консумирање алкохол. Ф’стаците лесно можат да се вклучат во секојдневната исхрана – како здрава ужина или како додаток во салати и други јадења,“ заклучува нутриционистката.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни