МВР со бројки, улиците со жртви: Уште една девојка прегазена во Скопје

Серијата тешки инциденти по Нова година покажува дека, и покрај технолошките мерки, човечкиот фактор, брзината, алкохолот и непочитувањето на правилата, останува клучен ризик на скопските улици.

Иако МВР известува за намалување на вкупниот број сообраќајни несреќи во Скопје со стартот на пробниот период на системот „Сејф сити“, првите недели од 2026 година покажуваат загрижувачка слика кога станува збор за тешки сообраќајни инциденти, особено оние во кои се повредени или загинати пешаци.

Тешка несреќа на „Крсте Мисирков“ – 19-годишна девојка со тешки повреди

Последниот сериозен инцидент се случи на 21 јануари 2026 година околу 20 часот на булеварот „Крсте Мисирков“ во Скопје. Според Министерството за внатрешни работи, патничко возило „рено“, управувано од 25-годишен возач од Скопје, удрило во 19-годишна пешачка од селото Арачиново. Девојката се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена на Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“. Извршен е увид од СВР Скопје, а истрагата е во тек.

Низа инциденти од 1 јануари: пешаци под удар

Од почетокот на годината се регистрирани повеќе тешки сообраќајни незгоди. На 9 јануари во Визбегово 54-годишен пешак од Велес бил тешко повреден откако во него удрило возило управувано од 20-годишен возач. Еден ден подоцна 75-годишна жена почина откако беше прегазена во центарот на Скопје. Возачот го напуштил местото на несреќата, а МВР трага по него. На 8 јануари во Петровец 61-годишна жена се здобила со тешки телесни повреди откако била удрена од автомобил.

Овие случаи повторно ја отворија јавната дебата за безбедноста на пешаците, сообраќајната култура и контролата на брзината во урбаните средини.

Полициски билтен: брзина, алкохол и возење без дозвола

Според билтенот на МВР за 19 и 20 јануари 2026 година, за само два дена биле издадени 1.026 платни налози, од кои: 150 за непочитување на дозволената брзина, 116 за управување без возачка дозвола, 16 за возење под дејство на алкохол, 199 за неправилно паркирање 33 санкции за пешаци и 93 за некористење сигурносен појас.

Пет лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување, сите под дејство на алкохол.

200 сообраќани незгоди, 30 загинати и околу 750 повредени

Податоците од СВР Скопје покажуваат загрижувачка состојба на сообраќајната безбедност. Во последните три години, на подрачјето на Скопје се случиле над 2000 сообраќајни незгоди. Од 25% до 30% од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди во земјава се пешаци. Изминатите години бројката на загинати пешаци на ниво на Република Северна Македонија се движи околу 30 загинати и околу 750 повредени пешаци во сообраќајни незгоди.

На повеќе од 15 локации се регистрирани смртни случаи, што ги прави овие делници дел од т.н. црна мапа на градот. Особено се истакнуваат булеварите Партизански Одреди, Александар Македонски, Борис Трајковски, Ѓорче Петров, Гоце Делчев и 8-ми Септември, како и сервисните улици и автопатските делници А1, А2 и А4 во околината на Скопје, каде што се случиле најмалку 13 несреќи со жртви.

Како најчести причини за фатални сообраќајни незгоди се издвојуваат неприлагодена брзина, возење под дејство на алкохол и непочитување на сообраќајна сигнализација. Еден од најдрастичните примери се случил на булевар Партизански Одреди, каде во рок од само десет дена, две различни сообраќајки ги погодиле малолетни деца кои преминувале на пешачки премин. Во една од несреќите, возачот бил под дејство на алкохол, а полицијата пристигнала со задоцнување од над еден час.

„Сејф сити“: помалку несреќи, но проблемите остануваат

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на 1 јануари соопшти дека во декември 2025 година, во споредба со истиот месец 2024, бројот на сообраќајни несреќи во Скопје е намален за околу 20 проценти, а бројот на повредени за 35 проценти. Во декември 2025 не е регистрирана ниту една жртва, наспроти пет загинати во декември 2024 година.

Сепак, серијата тешки инциденти по Нова година покажува дека, и покрај технолошките мерки, човечкиот фактор, брзината, алкохолот и непочитувањето на правилата, останува клучен ризик на скопските улици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни