Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема активности за целосно утврдување на околностите поврзани со фотографиите на кои се гледа верски обред врз службени полициски возила во кругот на Министерството.
„Во однос на објавените фотографии, МВР ве известува дека се преземаат соодветни мерки и активности, по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, наведуваат од Министерството.
Фотографиите, кои се проширија на социјалните мрежи, предизвикаа бурни реакции. На нив се гледа свештеник кој врши верски обред и осветување на службени возила, додека присутни се и полициски службеници.
Дел од граѓаните го оправдуваат чинот, истакнувајќи дека во православната традиција постои молитва за осветување на возила, додека други реагираат дека ваквата практика е спротивна на принципот на секуларност и дека државните институции мора да останат верски неутрални.
Дебатата го отвори прашањето за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на јавните институции, како и потребата од јасни правила и одговорност во јавниот простор.
Од МВР најавуваат дека по завршување на истрагата, јавноста ќе биде дополнително информирана.
