Бранислав Николов: Музиката што ја свирам ми е девојка, онаа што ја слушам – љубовница

Бранислав Николов, музичар, текстописец, поет, едноставно цел живот уметник. Бројни албуми, песни, концерти и книги ја красат неговата биографија. Штотуку вратен од Албанија со бендот Фолтин каде имаа настап. „На концертот ја осетивме мултиетичноста преку мултијазичноста – на настанот присуствуваа луѓе од повеќе амбасади, иако тоа е вообичаена слика на нашите настапи. Ние, иако главно пееме на македонски, музички го зборуваме светскиот јазик“- пренесува Николов дел од атмосферата за Трн.

Трн: За прв пат имавте настап во Тирана, како помина премиерната изведба, дали тамошната публика знае да ги пее песните на Фолтин?

Бранислав: Ова беше наше прво концертно гостување во Тирана. Не беше ништо масавно. Пристоен настан со околу 200 гости во публика. Се разбира, имаше и нашинци, па ги чувме како ги бараат песните “Милица” и “Везилка”.

Но, ја осетивме мултиетичноста преку мултијазичноста – на настанот присуствуваа луѓе од повеќе амбасади, иако тоа е вообичаена слика на нашите настапи. Ние, иако главно пееме на македонски, музички го зборуваме светскиот јазик. А дека беше и мултирасно искуство, тоа се покажа за време на бисот, кога слеговме долу во публиката, па додека некои си правеа селфи, на еден од екраните од телефоните се видов гушнат со двајца Азијати.

Трн: Со оглед дека Албанија е со нас во процесот за влез во ЕУ, а при тоа е наш партнер во иницијативата Отворен Балкан, дали преку концертот ја почувствувате потребата за заедништво и напредок?

Бранислав: Настанот беше во организација на Македонскиот културен центар во Тирана. И нема добар домаќин ако гостинот е невоспитан. За соживот се потребни двајца. Двајца што взаемно ќе се посетуваат со почит и љубов. Тоа е една од главните придобивки на културата воопшто. Саможивите можат да си седат дома.

Трн: Следни настапи каде? Одите надвор?

Бранислав: Со Фолтин, пред Тирана бевме во Софија и Пловдив. Наредниот период сме повеќе дома. Јас сум дел од една Антологија на современата македонска поезија што, заедно со куп убави луѓе, во јуни треба да ја промовираме во Белград. Значи тука сме, и пред домашната публика, и во регионот.  

Трн: Што прават фолтиновци периодов во однос на ново творештво?

Бранислав: Идејата е наредниот период да се вложиме во продукција на две песни што ќе ги споделиме во живо на концертите летово и наесен. Не знам ни јас што да очекувате. Ние веќе одамна не сме нови, ама ново си е ново… А како викаат: “Без старца нема ударца”.

Трн: Покрај Фолтин пее и Пијан славеј, повеќе пее или пие? А дали кога пие подобро пее?

Бранислав: “Пеење” и “пиење” се неслучајно скоро хомоними. Кај одело песна без пијачка, или обратно, напивање без песна?! И затоа, кој пее зло не мисли (освен некои исклучоци како Чарлс Менсон, ултранасилниот “singing-in-the-rain” Алекс од “Пеколниот портокал”, и милиони луѓе по стадионите и во чекорниците кон воените полиња). А тоа дали подобро пееш кога пиеш, тоа многу зависи од нивото на алкохол во крвта на публиката. “Наштимувана” публика и самата добро пее.

Трн: Слушавме неколку песни кои се соработка на Пијан славеј со македонски пејачи. Дали таму се спрема нешто за пеење и пиење?

Бранислав: Се’ во свое време. Се’ во свое време.

Трн: Пишуваш, пееш, па пак пишуваш и пееш, а друго?

Бранислав: Мечтаам, месечарам, одам по жица. Другото го опевам во песни.

Трн: Што ти е тебе музиката, а што ти на неа?

Бранислав: Таа мене ми е живот. Се надевам и јас нејзе. А тоа пак зависи од срцата со кои танцуваш. Некои убаво ги разигруваш, со други не можеш никако да фатиш чекор. Никој не сака да биде смрт за музиката. Затоа, треба да молчиш пред погрешни уши.

Трн: Ако музиката ти е девојка, тогаш што ти е љубовница?

Бранислав: Ааа… јас па мислев дека тоа е исто. Дека девојката е љубовница. Кога бевме деца не’ прашуваа дали имаме љубовница, мислејќи на девојка. И тоа има смисла. Зборот “љубовница” кај нас, ете, се здобил со тоа несреќно значење, наместо да вибрира со она што го носи во коренот. Но, да одговорам на прашањето – ако музиката што ја свирам е девојката, музиката што ја слушам е љубовницата (особено таа што сакам да ја свирам, и ја свирам, а за тоа ретко кој знае).

Трн: Ако не беше музичар и пишувач, можеш да замислиш што ќе беше?

Бранислав: Не можам да замислам да бидам нешто друго. Тоа е прашање на предодреденост. Како да знаев однапред. Никогаш, ни кога бев млад и кога можев да се надевам на се’ што ќе посакам, ниту пак сега, кога можам слободно да се покаам за животните избори, ниту еднаш не се посомневав дека сум ова јас. Ама којзнае, млада е ноќта, ха ха ха…

Трн: Сонуваш некому да напишеш текст и да го испеете заедно?

Бранислав: Не сонувам пред време. Се сонува само напишаното. И тогаш се бараме сродните.

Трн: А чиј текст би сакал да отпееш?

Бранислав: Не би можел да кажам чиј конкретно. Ова веќе го одговорив на прашањето за љубовницата. Си пеам јас по дома што ќе ми дојде.

Трн: Со кој твој стих би се опишал себе, а со кој твојот живот?

Бранислав: И двете, со овие стихови:

Јас сум Антитело против таа болест

Јас ќе бидам злото што ќе проструи меѓу нас

И само чиста совест може да ме сопре

Прв да фрли камен тој што има совест

И сите мили коски нека ми ги здробат

Огнот ако згасне, тогаш нека горам

Трн: И до кога вака? Музикава крај ти нема…

Бранислав: Музиката нема крај. Фазите имаат краеви и почетоци. Се менуваме и се сакаме. Некои луѓе не се родени да стареат пензионерски. Не планирам да ја надживеам мојата песна. Птиците умираат пеејќи. Па, кога ќе дојде време, и славејот нека си ја отпее лебедовата… Да биде песна! Да биде вечна пролет!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни