Утре во Музејот на македонската борба викендов Ана ќе одржи авторски концерт. На концертот премиерно ќе биде изведен нејзиниот нов циклус пиеси за деца за виолина и електроника „Детски авантури“.
„Детски авантури“ е композиција инспирирана од лектирите за деца од основно образование што ќе ја изведат младите виолинистки Дина Атанасовска, Хатиџе Салиева и Ема Крстевска, кои работат под менторство на проф. Ерхан Шукри и проф. Аспарух Ќортошев.
„Оваа година напишав нов циклус овој пат електроакустична музика за виолина. Циклусот се вика “Детски авантури”. Инспирацијата за овој цуклус ја добив сеќавајќи се на моето детство и како не смеев да излезам надвор додека не прочитам дел од лектирата. Ахахаха. Поради тоа сакав на децата да им дадам повеќе димензионална асоцијација со пишаниот збор. Односно и преку звуковата програмност кај детето како слушател а и изведувач да развијам фантазија и визуелизација. Сметам дека е многу важно децата да сакаат да читаат, да слушаат музика, да сакаат уметности и спорт воопшто. Нашето образование со еден час неделно во општите основни училишта не може ништо да постигне. Жално. Затоа сметам дека ваквите проекти за деца се од огромна важност. Ги поканувам сите кои го следат вашиот портал да дојдат на концертот утре. Премиерно ќе се изведе композицијата Детски Авантури во изведба на виолина Дина Атанасова, Хатиџе Салиева и Ема Крстевска ученички од ДМБУЦ “Илија Николовски -Луј” а од класите на Проф. Ерхан Шукри и Аспарух Ќортошев“, изјави Ана Пандевска за читателите на Трн.
Ана последните 10 години пишува музика за деца, електроакустична музика, солистички, камерни и оркестарски дела. Дипломираше на Факултетот за музичка уметност во Скопје, членка е на Сојузот на композиторите на Македонија и добитничка на повеќе награди за композиција. На македонската концертна сцена редовно е присутна како со авторски концерти, така и со бројни изведби на дела на македонски и странски ансамбли и солисти.
„Последните 10 години пишувам електроакустична музика за разни состави и ансамбли. Низ годините музиката се свиреше како во МК така и надвор и во тој период ме интересираше музиката како медиум посебно низ камерните состави како изведувачки апарат. Поради недостиг на изведба на Македонски автори во нижите музички школи низ Македонија, решив некаде во 2018 година да напишам циклус електроакустична музика за деца за пијано. Клавирот е моја прва љубов и самата почнав да го учам инструментот на свои 7 години. Па така решив да направам еден циклус од 8 пиеси и да го насловам “ Во светот на чудата”. Музиката да ја изведуваат деца кои го изучуваат инструментот но и музиката да биде наменета за детска публика. Програмноста во овој циклус тогаш ја поврзав со најпознатите цртани филмови на Волт Дизни. Одлично беше прифатена премиерната изведба во 2018 па решив да го проширам и допишав уште 8 нови пиеси кои премиерно ги изведоа лани Ана и Ивана Мазнејкови. Дури и издадов ЦД во нивна изведба, мислам дека е прво цд од ваков тип. Електроакустична музика за деца во изведба на деца и за детска публика“, рече Ана.
Додека ја компонирала музиката, ја конципирала да има музичко технички растеж од 1- 8 пиеса, односно да ја изведуваат деца од нижото музичко училиште низ процесот на учење на инструментот, од 8 до 14/15 години. „Најсоодветна возраст на детската публика би била од 4-11/12 години максимум. Секако на концертот утре во Музеј на Македонска борба од 12 часот се добредојдени сите деца заедно со нивните родители. Ќе ми биде драго да чујам дека некое детенце посакало да изучува инстурмент. Тоа ми е доволна сатисфакција дека сум придонела и дека музиката која ја создавам има некој позитивен ефект“, потенцираше Ана.
Концертот е поддржан од Министерството за култура на РС Македонија. Влезот е слободен.