Во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, на 14 април се одржа вториот концерт од годишната програма на НУ Камерен Оркестар на Битола. Под диригентската палка на Владимир Димовски, оркестарот уште еднаш докажа зошто со години е еден од водечките оркестри во земјата. Вечерта беше збогатена со настапот на исклучителниот виолончелист Антонио Илиоски, кој со својата интерпретација на Концертот за виолончело од Елгар ги воодушеви присутните.
Концертот започна со „Серенада за гудачи“ од Едвард Елгар – дело со благородна меланхолија и британска елеганција, каде оркестарот прецизно ја пренесе суптилната динамика и топлина на композицијата. Следеше Концертот за виолончело од истиот композитор – едно од најемотивните дела во литературата за виолончело, полно со длабочина, лична рефлексија и драматичен контраст, маестрално изведено од младиот Антонио Илиоски со зрелост што ретко се среќава.

Во вториот дел од концертот беа изведени извадоци од легендарната музика за сценската драма „Пер Гинт“ од Едвард Григ. Публиката уживаше во емотивната „Песна на Солвејот“, трагичната „Смртта на Аса“, разиграната „Танцот на Анитра“, како и во познатата и енергична „Во пештерата на планинскиот цар“, која ја заокружи вечерта со драматичен кулминациски ефект.
Под диригентската палка на Владимир Димовски, оркестарот уште еднаш покажа уметничка зрелост, прецизност и емоционална длабочина. Димовски, кој е и еден од основоположниците на современиот облик на оркестарот, повторно го водеше оркестарот со инспирација и музичка визија. Додека пак, младиот Антонио Илиоски веќе познат на македонската музичка сцена, уште еднаш потврди дека е едно од најсветлите имиња на македонската класична музика. За настапот, Илиоски изјави: „Како солист на Концертот за виолончело од Елгар со камерен оркестар, чувствував огромна одговорност да ја пренесам емоцијата и длабочината на ова магично дело. Од првиот такт, музиката ме потонува во богатите контрасти помеѓу интимните моменти и лавина на емоции кои ги изразува секоја нота. Во соработката со оркестарот, се создаде безвременска врска, каде што секој такт носеше ново значење и ги исполни срцето и душата. Целото искуство беше како патување низ најфини и најинтензивни делови од човечката природа, нешто што е невозможно да се опише, туку само да се почувствува.“
Овој концерт е втор од годишната програма на оркестарот, која продолжува со уште два концерти во текот на месец мај. Следуваат уште многу вечерни концерти со музика и емоција, кои НУ Камерен Оркестар на Битола со љубов ги споделува со својата публика.