Музеј на Куманово ја најавува монографско ретроспективна изложба на Љубица Андреевска Љупка

Музејот на Куманово ја најавува монографско ретроспективна изложба на нашата истакната уметница Љубица Андреевска Љупка.

На изложбата ќе бидат застапени дела кои ги поседува од 1989 г. до 2001 г. Со силината на својата индивидуалност, автентичен, препознатлив, возбудлив и впечатлив ликовен ракопис се приклучува во групата на најзначајните претставници на македонската наива, а тоа го потврди и преку нејзините претставувања во МНТ во Скопје (1990), спомен домот „Браќа Миладиновци“ во Струга (1991), Музејот на град Скопје (1991), Уметничката галерија во Куманово (1993), Македонскиот информативен центар во Париз (1993), Музејот на наивна уметност во Јагодина (1997), Народната библиотека во Белград (1977), Уметничката галерија (сегашната Национална галерија на Република Северна Македонија и тоа во објектот „Даут Пашин Амам“ – 1998) и на други места.

Таа завзема посебно место како исклучително карактеристичен автор, а нејзиното значење се согледува и како на уметник кој припаѓа на наивата но истовремено ги руши вообичаените толкувања за контекстот на нејзините рамки. Несомнено, според своето значење и квалитети, сосема оправдано ги заслужува сите суперлативи, докажувајќи и наметнувајќи се како репрезентативен претставник со национална вредност. Во еден дел од нејзините творби се потпира на носталгична евокативност, вообичаена поставеност на сценските елементи во композициските состави и специфична распореденост на мотивите на претставувањето. Во апсолутен склад со својот темперамент, виталистичка енергија, спонтана фигуративна изразност, свежина и интуитивност, маштовитост и разиграност, ослободеност и вибрантност, секавична создавачка омагиеност како во некаков творечки транс, скоро во еден здив со акварелистичка леснотија ликовно ја ефектуира евокацијата и со зачудувачка инспиративна кулминираност го воскреснува призорот. Неговото реанимирање од заборав се реинкарнира преку сензибилитетот на модернист кој авторката го поседува во изобилие создавајќи впечатливи остварувања со нагласена експресионистичка моќност и колористичка разиграност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни