Елон Маск објави спојување на својата вселенска компанија SpaceX и фирмата за вештачка интелигенција xAI, со што новоформираната корпорација е проценета на вкупна вредност од 1,25 билиони американски долари. Станува збор за едно од најголемите корпоративни спојувања во историјата на приватниот сектор.
Информацијата е потврдена преку официјално соопштение објавено на веб-страницата на SpaceX, потпишано лично од Маск, со што беа потврдени и претходните наводи на „Блумберг“. Според извори запознаени со трансакцијата, SpaceX е вреднуван на еден билион долари, додека xAI (компанијата што го развива AI-чатботот Grok) е проценета на 250 милијарди долари.
Вработените во двете компании биле информирани преку интерен допис, во кој се наведува дека трансакцијата се реализира исклучиво преку размена на акции. Според неофицијални податоци, вредноста на една акција во новата структура би изнесувала околу 526 долари.
Во соопштението се наведува дека целта на спојувањето е создавање на, како што го нарекува Маск, „најамбициозниот вертикално интегриран иновациски систем на Земјата и надвор од неа“ – платформа што ќе ги обедини вештачката интелигенција, ракетната технологија, сателитскиот интернет, директната мобилна комуникација и глобалната размена на информации во реално време.
Вселената како иднина на AI-инфраструктурата
Објаснувајќи ја стратешката логика зад потегот, Маск изјави дека во наредните две до три години најефикасниот и најевтиниот начин за извршување на AI-пресметки ќе биде токму во вселената. Според него, ваквиот пристап ќе овозможи забрзано тренирање на напредни модели на вештачка интелигенција и обработка на огромни количини податоци, со потенцијал за сериозни научни и технолошки пробиви.
Во таа насока, SpaceX веќе поднел барање за дозвола за лансирање на до еден милион сателити во Земјината орбита. Компанијата веќе остварува значителни приходи преку мрежата Starlink, која брои повеќе од 9.000 активни сателити и, според финансиските податоци, во моментов генерира повеќе приходи од самите ракетни лансирања.
IPO останува во план
И покрај спојувањето, SpaceX и натаму планира иницијална јавна понуда на акции (IPO) подоцна оваа година. Претходните процени укажуваа дека таквиот излез на берза би можел да донесе и до 50 милијарди долари, што би било најголемото IPO во историјата.
Спојувањето дополнително ги испреплетува бројните деловни потфати на Маск. По преземањето на Twitter во 2022 година и неговото ребрендирање во X, платформата веќе беше поврзана со xAI во трансакција вредна 33 милијарди долари. Инаку, xAI троши околу една милијарда долари месечно, што ја прави една од најкапитално интензивните AI-компании во светот.
SpaceX – клучен играч за САД
За разлика од некои контроверзни потфати на Маск, SpaceX се смета за неговиот најстабилен и најуспешен бизнис. Компанијата е единствената американска фирма што рутински превезува астронаути до Меѓународната вселенска станица, а истовремено е и клучен партнер на NASA и американското Министерство за одбрана.
Со ова спојување, Маск не само што ја зацврстува својата позиција во трката за доминација во вештачката интелигенција, туку и ја префрла таа трка буквално надвор од Земјата.
