Доаѓа Digital mushroom shop- купи и научи да растеш печурки

„Процесот на растење на печурките за мене од секогаш е инспирација. Од кога паметам за себе го набљудувам целиот процес“, вели Кристина Тодорова, додека во руралната канцеларија во неготинско Вешје се подготвува за новата едукативна работилница. Како координатор на социјалното претпријатие Mushroom Network на сите млади, лица во социјален ризик, како и љубители на печурките несебично им го споделува своето знаење.

Растењето покрај плантажите со печурки од нивниот семеен бизнис ја мотивирало да се запише на Факултетот за земјоделски науки и храна, насока градинарство и цвеќарство. И додека Кристина ги подредува едукативните материјали на екипата на Трн, нејзиниот соработник Митко Јаначков кој е правник, специјалист по бизнис право ни објаснува како може да се започне бизнис. Потенцира дека посветеното одгледување печурки носи до брз економски принос.

Едукација на село, производство во град

Mushroom Network е социјално претпријатие за одгледување, но истовремено и сервис кој подразбира едукација за целиот процес на одгледување на печурки. За тоа пак како изгледа производството на буковката и медицинските печурки од Вешје треба да заминете во Неготино.

„Почнавме со мало сопствено производство. Интересно е тоа што уште првите произведени медицински печурки Шитаки имаше кој да ги откупи. За тие во сушена форма се заинтересира фирма од Струмица. Тоа не мотивираше да размислуваме за проширување на производството, но и да се пласира секоја една печурка која ќе ја произведат оние кои преку нашите едукации ќе се стекнат со вештини. Корисно е како бизнис податок да се спомене е тоа што по само еден месец од сеењето на буковката веќе имате производство. Кај медицинските печурки пак времето е подолго, околу два месеци“, раскажува Кристина додека ги проверува дрвените струготини, подлога за производство.

Покрај дрвени струготини кои најчесто ги набавуваат од локалните пилани како основа на која се засејува мицелиум е и био маса од листопадни дрва. Медицинските печурки кои се произведуваат во Mushroom Network, како и оние од индивидуалните соработници, се користат при лекување со примена на терапија со храна. Шитаки, Реши, Лавовска брада се само дел од печурките кои можат да се произведуваат на едноставен начин во домашни услови.

„Буковката нема некои поголеми ризици во процесот на одгледувањето. Најдобар период на одгледување е од мај до септември, иако најтоплиот период од летото не е погодно време. Како супстрат може да се употреби земјоделски отпад како што е сламата која мора да е со добар квалитет. Потоа следува пастеризација на истата и засејување на мицелиум. Како завршна фаза е инкубацијата“, додава Кристина додека ги собира печурките од бербата. Потоа содржината од вреќите која е целосно употребена може да се користи за производство на ѓубриво со калифорниски црви. За медицинските печурки пак како супстрат се користи пилевина додека целиот останат процес е сосема идентичен како и кај буковката.

Поради големиот интерес за да се влезе во светот на печурките Кристина и нејзиниот тим решиле да почнат иницијатива: „Донирај и научи да одгледуваш печурки“. Целта е да се созаде првата дигитална продавница за печурки во Македонија. Таму секој ќе може не само да купи свежи или сушени печурки туку и да се едуцира за нивното производство.

Оние кои ќе се впуштат во обид за производство на Digital mushroom shop ќе можат да се информираат и како да обезбедат супстрат, како и целиот потребен материјал. За успешно следење на целиот процес се работи и на примена на дигитална опрема за следење на одгледувањето.

Mushroom Network е дел од проектот социјално претприемништво за младинско вработување што го реализира Здружението „Еко вид“ од Неготино во соработка со Национален младински совет на Македонија, а со финансиска поддршка од Европска комисија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни