Muse-X годинава ја претвора Пирамидата во Тирана во голема музичка и креативна зона, со настапи на светски диџејски имиња како Бен Клок, Давид Моралес, Кен Ишии и Брина Кнаус, но и со силно македонско учество. Фестивалот е замислен како „expofest“, односно спој од музички настапи, конференции и изложбен простор за креативните индустрии од регионот и Европа.
Во организација на Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана, оваа година фестивалот вклучува и македонски павиљон со штандови на Авалон продукција, Пасворд продукција, Тибетанија рекордс, Радио Антена, филмскиот фестивал Браќа Манаки, Скопје Винил конвенција, Оркестар Профундис, ФДУ Скопје, Sustainable Adventure Travel, EEMM и други.
Во рамките на Артизан селото ќе се претстават и македонски занаетчии и брендови и тоа Охрид мозаик, винаријата Тиквеш, филигрански мајстори, Тилеви бисери, накитот на Сташа Божиновска, како и live перформанс на уметницата Славица Тошевска. Со ова македонското присуство се шири од музичката и филмската сцена кон вино, дизајн и ракотворби.

На фестивалскиот дел од програмата од Македонија настапуваат Ема Попивода со Оркестар Профундис со проектот „Acoustic Electronics“, Uzun Brothers, Гоце Саф и Чваре, ДЏ Дарко и Марга од Тибетанија рекордс.
Во едукативниот и конференциски дел, работилници за глума и филм ќе одржат Милан Тоциновски и Борјан Зафировски од ФДУ, а Слободанка Тренчева – Боте од „Терапија“ ќе го модерира процесот на формирање Асоцијација на фестивали. На музичките панели учествуваат Миа Милошевска (Авалон), Пасворд продукција и ДЏ Егоритмиа (Бобан Лазовски), а на филмските Милан Тоциновски, Борјан Зафировски и Димитрија Доксевски.
Muse-X ќе се одржи од 17 до 19 април 2026 година, во и околу Пирамидата во центарот на Тирана. Публиката и артистите можат да се пријават како учесници или да купат влезници преку официјалната страница muse-x.al, каде се објавени и деталните агенди, термините на конференциите, фестивалските настапи и информациите за изложбениот дел.