19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во соработка со Факултет на работи што не се учат – ФРУ

„Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“

Серијата мурали низ државата, акцијата со која и официјално се отвори најновото, 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на здружението Факултет на работи што не се учат – ФРУ од Скопје, е заокружена со последните два мурали во Кичево и Скопје.

Првиот од серијата на четири мурали, се реализираше во март, на зградата која се наоѓа на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, по што следуваше изработка на уште два мурали, едниот во Прилеп посветен на делото на Марко Цепенков и еден во Кичево инспириран од релјефот на Јордан Грабулоски. Заокружување на целиот проект и подарок кон станарите е муралот на зграда бр. 37 спроти студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу во Скопје, каде е насликан мурал со цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“.

-Првичниот мурал кој се реализираше во март, на зградата која се наоѓа на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје е со порака за солидарноста на заедницата. Тој побуди позитивни чувства и кај соседните згради и резултираше со изработка на уште еден мурал, како еден вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Заедно со АнаТрајковска и Доротеј Нешовски го  реализиравме муралот на зградата број 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!– вели  уметницата Ивана Самандова.

Серијата мурали се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да се дојде до истите – со силата на заедништвото.

Четирите досегашни мурали, имаат стриктен визуелен и тематски фокус на заедништвото во општеството, меѓутоа секоја реализација третира одредени аспекти на темата заедница. Со последниот од серијата мурали, фокусот на уметниците е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.

-Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата можат да се создадат иницијативи и услови кои што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција, водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење и критикувајќи го строгиот и наметнат индивидуализам –вели Ивана.

Идејата пак за муралот во  центарот на кичевската чаршија, на Националната Установа Центар за Култура (НУЦК) „Кочо Рацин“ на надворешната и предна фасада е „СОРАБОТУВАЈ! Просторот меѓу луѓето коишто работат заедно е исполнет со конфликти, возбуди, радости и огромен творечки потенцијал!“ инаку цитат на Брус Мау.

Ивана во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков и овој пат сакаше да се поттикне размислување околу потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативни контексти и дејности.

-Во соработка со Организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) – Скопје, идејата за овој мурал е делумно инспирирана од Јордан Грабулоски – македонски академски вајар и уметник кој во Кичево го има изработено релјефот на меморијалната костурница. Од истиот тој релјеф, композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето но и ја доловува функцијата на Домот на култура – како простор каде што се негува културата и уметноста иницирана од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови кадешто сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, низ заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница кадешто едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој – вели Ивана.

Оддавајќи нова свежина на самиот Центар за култура, овој мурал ја носи пораката на соработувањето, на зближените луѓе и повикува на толеранција на едни меѓу други.

Муралот кој го краси Центарот за Култура во Прилеп е посветен на делото на Марко Цепенков. „Правдината се танчи, ама не се кинит„ е пренасочен на величината на Марко Цепенков, како еден еден од најбитните и истакнати фигури во македонската историја и култура. Покрај Ивана го работеа и уметниците Методи Исков и Александар Џинго.

 -Идејата за овој мурал произлезе од долги истражувања за делата и животот на Марко Цепенков. Ние од март месец почнавме да работиме и го изработивме првиот мурал во Скопје и сега се прошируваме да работиме тука во Прилеп. Тематиката на сите мурали ни е солидарноста и заедништвото во едно општество и сакаме преку визуелната уметност која излегува во јавниот простор да допринесеме до освестување кај општеството за тоа колку всушност ние си помагаме едни на други, не само во уметничкиот свет туку општо- вели Ивана.

DCIM\100MEDIA\DJI_0171.JPG

Mуралите се израз на урбаната култура на градот. На современиот идентитет на градот, на супкултурата и на отпорот на младите. На нивната автентичност. Муралите го бојат сивилото на градот со пораки и слики кои даваат еден нов израз и носат еден нов прогресивен дух. Еден нов импулс на маалото. Пораките на муралите кореспондираат со актуелниот момент. Со светот во кој живееме и со светот во кој сакаме да живееме. Тие се бунтот и изразот на младите уметници.

-Во овој целокупен концепт спаѓаат овие четири мурали каде пред се идејата е да пренесуваме некоја порака која што е во јавен простор. Целиот концепт се сведува на идеја која што има одредена уметничка изјава или цитат од некои познати автори со цел да носи некоја порака за заедништвото, за љубовта спрема пријателите, за љубовта спрема градот. Значи пред се ширење на некоја позитивна порака каде низ уметничко дело сакаме да го оживееме тој простор и амбиент во една нова интервенција- вели  Доротеј Нешовски, еден од уметниците на муралите.

Изработката на мурали во јавен простор станува обележје на фестивалот Акто и ФРУ кои во 2020 година изработија неколку големи мурали во повеќе градови од земјата, пренесувајќи пораки на солидарност и заедништво за време на пандемијата од Ковид 19.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни