Во Museo Nacional de Energía y Tecnología, Мексико Сити, е поставено ново музејско претставување на муралот на Борко Лазески „Mural por la Paz“. Во срцето на светскиот мурализам, делото на македонски уметник добива видливост и достоинствен третман што му припаѓа.
Особено значајно е што со реновирањето на музејот се издвоени средства и внимание за заштита и трајна конзерваторска грижа на муралот, ове е јасна порака дека јавната уметност е дел од културната инфраструктура, а не украс што случајно опстојува. Благодарение на овие вложувања, делото на Лазески е вклучено во современ изложбен амбиент, со подобрени услови за чување и презентација, и со тоа му е дадено уште поголемо значење во локалниот и меѓународниот контекст.
Дел од монументалното творештво на Лазески во Скопје беше изгубено во земјотресот во 1963 година, а дополнителни загуби претрпе со пожарот на поштата во 2013 година. Токму затоа, гестот на мексиканските институции со вложување во превентивна заштита, професионална конзервација и квалитетна музејска интерпретација, е охрабрување и обврска да изградиме стабилни домашни механизми за заштита, дигитална документација и современа презентација на нашето наследство.