Мултимедијална програма со фокус на градот Скопје на седмото издание на „Арт Ареа/ Артерија“

Седмото издание на фестивалот „Арт Ареа / Артерија“ ќе се одржи од 15 до 17 септември во „Буква“ и во МКЦ и претставува тридневен книжевно-мултимедијален комплекс од настани со фокус на градот Скопје.

Целта на фестивалот е да го пополни јазот помеѓу разните културотворци во Македонија, односно да поттикне вмрежување и соработка на разните културни сфери, особено на младите автори а тоа може да поттикне сериозна соработка и идни проекти понатаму.

„ArtArea/Артерија секоја година има различна тема во фокус. Оваа година решивме фестивалот да го посветиме на Скопје, од очигледни причини, но и програмски го осмисливме така што ќе ја одбележи годишнината од земјотресот. Програмата главно гравитира околу градот Скопје, па така имаме тридневна (15-17 септември) изложба во Галеријата на МКЦ посветена само на Скопје. Се работи за поставка на урбанистички планови околу обновата и изградбата на Скопје, стари поштенски разгледници од Скопје, досега неприкажани слајдови од приватната колекција на Адолф Циборовски, урбанистот на Скопје, презентација и оригинални книги со урбанистички цртежи што се однесуваат на Скопје. Потоа, ни гостува полската авторка Кинга Нетман-Мултановска, која неодамна ја објави книгата „Варшава го исцртува Скопје“, а летово беше објавена и на македонски јазик од Бегемот. Имаме и настан „Поетите за Скопје“, во организација на младинското здружение Култура Бета, каде што ќе имаат поетско читање повеќе поети што имаат пишувано за Скопје. Тука е и промоцијата на стрипот „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи бр.3“ од Ѓорѓе Јовановиќ и Иван Шопов, но и другите настани на некој начин исто се поврзани со Скопје. Се надеваме дека секој ќе си најде своја интересна приказна на фестивалот!“, изјави Филип Димевски од издавачката куќа Бегемот, организатор на фестивалот, за читателите на Трн.

Програмата на мултимедијалниот фестивал „Арт Ареа / Артерија“ ќе биде отворена на 15 септември во „Буква“, каде што во 19 часот ќе се одржи промоција на романот „Мина“ од Игор Анѓелков („Или-Или“, 2023), а промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Максим Ристески. Во 20 часот ќе следува промоција на романот „Рудникот“ од Миодраг Мајиќ („Антолог“, 2023), кој ќе го претстават промоторите Јордан Коцевски и Душко Крстевски, додека во 21.30 часот ќе следува музичкиот блок „Скопје радост ти ќе бидеш“ со Марсо.

Вториот фестивалски ден на 16 септември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе биде отворен во 19 часот со промоција на „Рефлексии“, нова збирка интервјуа и разговори од „Културен печат“ на Тони Димков („Бегемот“, 2023), а промотор ќе биде Атанас Конески. Во 20 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска („Бегемот“, 2023), каде модератор ќе биде Филип Димевски, а ќе учествуваат Кинга Нетман-Мултановска и Павел Вељаноски. Во 21.30 часот џез-концерт ќе одржи „Јузефчо трио“ (Филип Букршлиев на гитара, Благојче Томевски на бас кларинет, Нинослав Спировски на тенор саксофон).

Последната вечер на 17 септември ќе почне во 19 часот со пинг-понг промоција на стрипот „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи бр.3“ од Ѓорѓе Јовановиќ и Иван Шопов („Бегемот“, 2023) во „Буква“, ќе продолжи со промоција на книгата „Плачеш како кит“ од Ѕвездан Георгиевски („Бегемот“, 2023), која ќе ја промовира Петар Андоновски, а ќе заврши со перформансот „Поетите за Скопје“ во организација на „Култура Бета“.

Во текот на трите дена ќе се одржат и изложба на поштенски разгледници, слајдови и урбанистички планови „Од Варшава до Скопје“ (Галерија МКЦ, 15-17 септември) и изложба на фотографии „Pars-mea“ од Андријана Антова („Буква“, 15-17 септември). Фестивалот е поддржан од Министерството за култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни