МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Прилеп

Девет претстави во официјалната конкуренција за наградите и пет во независната програма ќе понуди програмата на годинашново 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој од 6 до 13 јуни ќе се одржува во Прилеп. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“. Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска денеска ја објави програмата за претстојниот фестивал.

Во конкуренцијата за награди се претставите: „12“ според мотивите на „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Македонски народен театар, „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар – Скопје, претставата „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар – Скопје, „Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар – Скопје, претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар – Битола, „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, претставата „Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, потоа „Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар – Штип  и претставата „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија − Скопје
Од независната продукција се претставите „Вампири – театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“ – Скопје, „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ – Скопје, „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“, „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ од Скопје, „Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ од Скопје.

„За ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција. За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма. Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар“, рече Стојаноска.

Фестивалот ќе понуди и промоции, проекции, разговори на тркалезната маса.

Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерите Соња Михајлова, Снежана Коневска – Руси и Гоце Тодоровски. Од годинава наградата за музика ќе го носи името на Филип Стевановски.

-По иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски, Собранието донесе одлука наградата за музика ќе ја именува според музичарот, кој што го изгуби животот во пожарот во Кочани. Стевановски беше актуелен директор на Центарот за култура „Антон Панов“ во Штип, рече Стојаноска.

За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни