Трн: Дали светот во Виена ја препозна нашата држава преку Музејот на современа уметност како симбол на солидарноста?
Мира: Очигледно да. Не случајно трите уметнички директорки на престижниот простор Кунстхале Виена, кои се дел од кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ) посакаа да направат ваков голем изложбен проект со дел од делата на вредната уметничка колекција на МСУ – Скопје. И не само на Кунстхале – Виена, генерално, и на музеите во светот и луѓето од стручната фела им ја приближивме приказната за тоа како настана нашиот музеј.
И самиот насловот на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје” („No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“) е тесно поврзан со тоа како е изградена уметничката колекција на МСУ – Скопје. На прес конференцијата во Виена, пред официјалното отворање на изложбата, каде беа присутни повеќе десетици претставници на австриските медиуми, низ еден емотивен и искрен манир, Сабина Саболовиќ им ја раскажа приказната за настанувањето на колекцијата на МСУ по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година.
Веќе следниот ден по отворањето, имавме состанок со уметничкиот врв на Националната галерија во Прага, кои допатуваа во Виена, и кои сакаат да ја изложат во нивниот простор. Така што, изложбата, следната година во март ќе биде отворена и во Прага, неколку месеци веднаш по Кунстхале, за потоа, кон крајот на 2024 година да ја донесеме дома во нашиот МСУ – Скопје.
Трн: Кој беше вклучен во процесот за избор на дела и што беше клучен услов да се изберат 94-те дела од големата ризница на МСУ со 5.500 дела?
Мира: Концептот за изложбата го правеа трите гореспоменати кураторки и уметнички директорки на Кунстхале, се разбира во дослух и во соработка со тимот на МСУ. Тие поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција на дела од вредната колекција на МСУ, и со тоа осмислија поставка во која воспоставија дијалог помеѓу делата на современите уметници и оние застапени во нашата колекција. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност.
Во проектот се вклучени уметниците: Брук Ендру (Мелбурн), македонското дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), чиј креативен труд е веќе одамна препознаен во светот, Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул). Покрај нив, во изложбата е вклучена и светски познатата фотографката Елфи Семотан (Виена), која живее и работи на релација Њујорк/Виена и која е позната по раскажување приказни преку фотографии. Таа направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ. Дополнително, од писателката Барби Марковиќ (Виена), позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, кураторките побараа да напише патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Трн: Што преставуваат тие 94 дела, дали нивната поврзаност ја испратија пораката за светска солидарност и колку станува важна солидарноста во уметничкото изразување?
Мира: Практикувањето солидарност, значи припадност и споделување. Ние, како Музеј на современата уметност со нашите колеги од Кунстхале ги вклучивме искреностa и отвореноста во нашиот заеднички изложбен проект, за повторно да изградиме интимна врска со уметниците и да ја реактуелизираме солидарноста, како општествена вредност. Затоа, посветено го препрочитуваме и повторно го толкуваме поимот солидарност во современиот општествен контекст. Овие дела кои ги однесовме во Виена се гест на пријателство и се во духот на негување нови врски со Кунстхале Виена.
Не знам дали знаете, но скопскиот земјотрес во тоа време бил првата човечка катастрофа, пренесена преку ТВ приемниците низ светот, и тоа ја разбудило светската солидарност. Загубата на илјадници животи и домови била емитувана низ целиот свет. Шокантните слики на човечката беспомошност против разорната сила на природата, довеле до невидено брза, моќна реакција и одговор од светот. Обединетите Нации веднаш апелирале за помош на скопјани и меѓудругото, потенцирале дека покрај материјална штета и многуте човечки жртви, важно е да се крене и духот на скопјани. Замислете, хуманост на дело, како размислувале умни луѓе во тоа време. Така и почнува приказната на градењето на колекцијата на МСУ. На повикот до светски познатите уметници, се пријавил Пикасо, кој донираше дело за МСУ – Скопје, но и многу други уметници, меѓу кои и Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жана-Клод, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури… Во знак на солидарност, пристигнувале вредни подароци во МСУ од целиот свет. Затоа, денес, колекцијата е збир на важни личности од историјата на уметноста, од Украина до Јужна Африка, од Чиле до Нов Зеланд. На ѕидот во Кухстхале, пред да влезете во галерискиот простор, каде е поставена нашата изложба, со болдирани букви се запишани моќните збророви на првиот директор на МСУ – Скопје, др. Борис Петковски, кој е најзаслужен за првичното градење на колекцијата на МСУ, која гласи:
„Желбата е да се создаде Mузеј на современата уметност, како споменик на големата солидарност на уметниците од целиот свет, но и како активен чинител во сите нови уметнички аспирации и како музеј кој се издигнува над сите поделби: естетски, политички, верски и расни“.
Трн: Дали денес светот преку уметноста може да ја актуелизира солидарноста, за која сведочи постземјотресно Скопје?
Мира: Тоа е клучното прашање, кое го поставуваат и самите кураторки: „МОЖЕМЕ ЛИ ПОВТОРНО ДА ЈА ВРАТИМЕ МОЌТА НА СВЕТСКАТА СОЛИДАРНОСТ?„ тоа е иницијалната каписла од каде тргнува концептот на изложбата, кој понатаму го доразвиваат современите уметници, вклучени во проектот. За наслов на изложбата, кураторките земаа стих од австрискиот поет Рајнер Марија Рилке: „Ниедно чувство не е конечно“, кој ја нагласува динамиката на емоциите и нивната врска со современието и денешниот контекст и влева надеж дека поимот „солидарност“ може да се обнови и зајакне, дури и по подолго време. Насловот предизвикува и чувство на амбивалентност и неизвесност, како и прашање што значи солидарност во нашиот современ свет.
Трн: Забележителен е голем интерес кај публиката за изложбата во Виена, илјадници посетители ќе имаат прилика да ја видат до јануари следната година…
Мира: Над нашите очекувања, на самото отворање имаше преку 1000 љубопитни посетители, а годишно низ Кунстхале поминуваат преку 75.000 луѓе. Зборуваме за туристичка Виена, каде буквално врие од странци, кои ги посетуваат и музеите. Замислете колку луѓе ширум светот, следниве девет месеци, колку што ќе биде отворена изложбата ќе дознаат нешто повеќе за Скопје, за нашиот Музеј на современата уметност, конечно нешто повеќе и за нашата татковина. Би сакала да верувам дека ова ќе ги заинтригира луѓето и туристички да ја посетат нашата земја. Добрата уметност без исклучок ја претставува по добро државата во светот. Треба да сме горди сите заедно, за ова големо претставување во светот, бидејќи успехот на МСУ, не е само производ на стручниот тим на музејот, МСУ припаѓа на сите граѓани од нашата земја. Затоа можеме да заклучиме, дека ова не е само вест од културата, туку успех од национален интерес за земјава.
Трн: Дали ова е своевидно испишување на нашата историја и зошто се важни ваквите процеси?
Мира: На самото отворање на изложбата, ни пристапуваа случајни посетители, трогнати од она што го видоа. Некои од нив ни кажаа: „Монументална изложба, чиста емоција, извонреден колорит, моќни дела и сликовит приказ за солидарноста“, очите им светеа додека ни го зборуваа тоа. Тоа направи да ни биде топло околу срцето.
На социјалните мрежи читавме статуси како: „Скопје и Музејот на современата уметност – Скопје, испишаа историја во Виена“, беа дел од коментарите. Публиката е најдобар показател за добро завршена работа. И во моментов додека ви ги пишувам одговорите за вашето ценето интервју, штотуку добивме известување од Кунстхале во кое се вели дека голем број австриски новинари изразиле желба да дојдат во Скопје следната година кога изложбата ќе биде презентирана во МСУ – Скопје. И навистина ќе се потрудиме да ги донесеме, бидејќи ова ќе биде голема промоција за Скопје.
Трн: Дали МСУ и понатаму архивира уметнички дела во својата колекција и дали оваа збирка од 5 500 дела го опишува пулсирањето на светската солидарност низ призмата на Скопје?
Мира: Изминативе години, во духот на солидарноста која беше клучна за настанување на Музејот и на неговата вредна збирка во 60-тите, 70-тите и 80-тите години, а по долгогодишна пауза, успеавме да ја реактуелизираме донацијата на уметнички дела од целиот свет, но и од домашни автори. Како резултат на интернационалните соработки преку проекти и меѓународните изложби, нашето пријателство со нив, а и нивната желба да потсетат, да ја реактуелизираат и да ја продолжат приказната за солидарност, толку важна и во денешен контекст, имајќи ги предвид скорешните случувања со земјотресот во Турција, бројните миграции и скорешни војни на светската мапа, добивме значајни донации на уметнички дела кои вклучуваат уметници кои се денес актуелни на светската уметничка сцена, како на пример Тања Бругуера, Ахмет Огут, Что Делат, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, како и македонските уметници Нада Прља, Ѓорѓе Јовановиќ, Симон Узуновски и други.
Истовремено, некои од уметниците во оваа наша актуелна изложба изложена во Виена, исто така најавија донација на свои дела за нашата колекција.
Трн: Во последните години видовме големи странски имиња во МСУ, а за тоа се неопходни средства и сила за да се испорача вистинска и вредна уметност?
Мира: Еден од најсилните адути, зошто низ МСУ изминативе години продефилираа светски познати современи уметници е токму и приказната која тие ја знаат за настанокот на МСУ и градењето на колекцијата. Станува збор за уметници, чии дела се во колекциите на МОМА, Гугенхајм, Тејн Модерн… и кои МСУ го ставаат на мапата на светската интернационална уметничка сцена, привлекоа силен интерес кај стручната и поширока јавност и истовременоа го афирмираа Музејот како активен и ангажиран субјект во актуелните социјални дебати.
Меѓу нив секако се Дан и Лиа Пержовски, кои неодамна гостуваа во МСУ и со кои планираме изложба за наредната година, но и многу други вредни и познати уметници од секаде од светот како Анри Сала (Албанија), Мариа Пападимитриу (Грција), Флака Халити (Косово), Маја Бајевиќ (Босна и Херцеговина), Шејла Камериќ (Босна и херцеговина), Ахмет Огут (Турција), Хито Штејерл (Германија), Адриан Паци (Албаниjа), Џулиета Аранда (Мексико), Что Делат (Русија), Сања Ивековиќ (Хрватска), Даниел Гарсиа Андухар (Шпанија), Артур Жмијевски (Полска), Тања Бругуера (Куба), Антон Видокле (САД и Русија), Карлос Мота (Колумбиа, САД), Коко Фуско (Куба), Ширин Нешат (Иран), Кети Чукров (Русија), Владан Јеремиќ и Рена Редл (Србија, Германија), Нора Турато (Хрватска), Агњешка Полска (Полска), Францис Алис (Белгија), Марва Арсаниос (Либан, САД), Шерон Хејс (САД), Артур Јафа (САД), Хива K (Ирак), Јонас Стаал (Холандија), Ву Цанг (САД), и многу други.
Програмската содржина на Музејот е финансиски поддржана од Министерството за култура, неколку приватни спонзори и странски фондации и културни програми, но не ретко се случува, заради финансиските потреби кои вклучуваат високи суми за транспорт, осигурување и визуелно претставување на исклучително вредни дела од меѓународни автори, да добиеме безрезервна поддршка и солидаризација и од самите уметници кои се дел од проектите кои ги реализираме.